Македонија
15. March 2026 - 16:45

140-тина повредени во “Пулс” добиваат континуирана медицинска поддршка

Драган Давитковски заедно со други повредени во “Пулс” играа кошаркарски натпревар во спомен на трагично загинатите 63-ца млади луѓе. Затоа сите на маиците го имаа бројот 63. На трибините седеа и дел од потешко повредените кои поради сериозноста на раните се уште не можат да спортуваат.

Целта на ова нивно спортско дружење една година по големата трагедија е да се соберат средства за споменик за жртвите во пожарот. Драган вели дека закрепнувањето оди бавно, но постепено неговата здравствена состојба се подобрувала. Кобната ноќ заедно со сопругата и другари во дискотеката стигнале 1 час пред нереќата.

-Животот продолжува понатаму. Имам некои повреди, тоа е. Имам изгореници, имав и внатрешни повреди. Одиме во Скопје на ласерски третмани, а пулмолози доаѓаат во Кочани и нѐ прегледуваат во болницата“, изјави Драган Давитковски, повреден во дискотеката “Пулс”.

140-тина од околу 200 повредени се уште добиваат континуирана медицинска подршка. Рееволлуацијата на нивната здравствена состојба ќе продолжи и наредениот период и ќе се прави на 6 или 7 месеци.

-Во блиска иднина дел од нив ќе започнат со хируршките интервенции, оние на кои што им дозволуваат нивните лузни да се направат. Тоа се сложени лузни, сложени повреди и не треба да се брза. Секоја избрзана одлука може да значи и формирање на нова лузна и треба да бидеме претпазливи- изјави д-р Катерина Паниќ-Мирчовска, директорка на Општата болница во Кочани.

Дел од повредените поради сериозноста на лузните од изгорениците повторно нивното лекување ќе го продолжат во странство.

-Дел од повредните ќе заминат во странски Клинички центри за здравствени услуги кои што во нашите болници ги нема. За другите коишто ќе бидат дел од нашиот здравствен систем, целиот Протокол е направен и ќе бидат згрижени тука кај нас, изјави Азир Алиу, министер за здравство.

Ако лекарите проценат дека е потребна повторна рехабилитација, здравствените власти најавија дека и оваа лето ќе организираат медицински третмани во одморалиштето на Пониква.