180 починати од ковид за една недела, 70 биле целосно вакцинирани
За една недела алармантни 40 проценти од починатите биле целосно имунизирани против ковид 19. Во периодот од 27 јануари до 2 февруари, битката со вирусот ја изгубиле дури 180 лица од кои 73 имале комплетен вакцинален статус. Во дневните извештаи од Министерството за здравство е наведено дека најголем број имале коморбидитети, но не добивме одговор дали биле вакцинирани со Фајзер, Астра Зенека, Синовак и Синофарм и колку хроничните болести се причината за смртта. Во Институтот за јавно здравје во епидемиолошката анкета немале графа за видот на вакцината. 29 годишен, 35, 41, педесегодишни и постари од 60 е возраста на граѓаните кои изминатите седум дена се најдоа во црната ковид статистика. Дали починале од вирусот или со ковид, зошто е толку висока смртноста во Македонија - детална анализа најави претходниот министер за здравство, но официјална статистика се уште нема. Лекарите од ковид центрите постојано апелираат на вакцинација бидејќи нивното искуство покажува дека невакцинираните се повеќе на удар од компликации.
-Треба статистички да се обработат податоците за возраста на починатите, иако изминатиот период гледавме 80, 90 годишници што починале, да секој живот е подеднакво важен, но 90 проценти од нив се невакцинирани, вели Илир Демири од Клиника за Инфективни болести.
Инаку изминатите 7 дена биле регистрирани и 1480 реинфекции а двајца пациенти по трет пат добиле ковид 19.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
