30 дена притвор за три лица за палењето на Вардариште
Судот го прифатил барањето на обвинителството и трите лица осомничени за загрозување на животната средина и природата со отпад на Вардариште добија 30 дневен притвор.
Тие подолг временски период па се до 02 септември, создале депонија спротивно на прописите за заштита на животната средина, со која можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот или водата и да предизвикаат опасност за животот или здравјето на луѓето.
Според полицијата, тројцата вршеле откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори на импровизирани пунктови без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола за вршење на дејност за управување со отпад.
Министерот за вантрешни работи Тошковски, за Сител најавува дека со ставањето во функција на системот Safe city, ќе се следат и вакви криминални дејствија. Дополнително ќе се зголемува капацитетот на полициски службеници кои ќе патролираат низ градовите.
Пред неколку дена на депонијата Вардариште избувна голем пожар од кој со денови се шири неоднослива смрдеа, а тоа го вклучи и алармот кај институциите. Неофицијално, во големата акција на полицијата и обвинителството било затекнато поголемо количество на бакар и бакарни жици на дивата депонија.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар