300 пати над дозволеното присуство на јаглерод моноксид
Од два до три пати повисоки вредности на сулфур и азот, а дури до 300 пати повеќе јаглерод моноксид во воздухот, покажале прелиминарните резултати на Инспекторатот за животна средина по пожарот во Трубарево. До петок ќе бидат готови и резултатите со кои ќе биде јасно какви тешки метали се дигнаа над Скопје - Што се горело во текот на денот во складиштето ќе покажат дневните извештаи на компанијата Ф-групација кои се во рацете на јавното обвинителство.
Институтот за јавно здравје ги објави и анализите од мострите кои ги земале вчера од околината на Трубарево. Истите покажале дека нема зголемена радијација во почвата и воздухот во Трубарево. Дали има јонизирачко зрачење во водата ќе биде познато утре.
Според институтот, нема отстапки од вредностите и во делот на присуство на тешки метали во водата, а каква е состојбата со почвата резултаите ќе бидат готови утре.
Компанијата Ф-групација според надлежните поседувала валидна дозвола за складирање и третман на електрика и електрични материи од мај 2021 до мај 2026-та, тврди директорот на Управата за животна средина.
По случувањата во Трубарево, Министерството издало наредба да се направи инспекција на сите депонии и нерегистрирани локации за отпад. Додека се чешлаат сите диви депонии, се затвора таа во Никуштак, бидејќи не ги исполнила еколошките стандарди.
Во Трубарево се поставени уреди коишто во наредните пет денови ќе земаат проби од честичките во воздухот, а ќе го покажат влијанието од горењето во складиштето.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар