35 врвови за 35 години независност: Благица Владимировска и Ема Лазареска ја изодеа Шар Планина за четири дена

По повод 35 години од независноста на Македонија, планинарките Благица Владимировска и Ема Лазареска реализираа исклучителен подвиг - за само четири дена искачија 35 врвови на Шар Планина.
„Македонија има херојки чии подвизи заслужуваат да бидат видени, слушнати и запомнети. Двете високогорки од планинарското друштво „I Love Hiking (Сакам пешачење)“ минаа 110 километри, совладаа вкупна висинска разлика од 8.400 метри и искачија 35 врвови без логистичка поддршка, носејќи по 20 килограми товар на грбот. Целиот предизвик го реализираа без каква било логистичка поддршка. Сета потребна опрема, храна и останати неопходни работи ги носеа самите, со ранци тешки по околу 20 килограми. Зад бројките стојат четири дена постојано движење, замор, промени на теренот и временските услови, но и силна меѓусебна доверба, дисциплина и љубов кон планината. Темпото беше особено интензивно уште од самиот почеток - во првите два дена Благица и Ема искачија по 11 врвови дневно“ - се вели во соопштението.
Нивната авантура почна на Љуботен, а заврши на Рудока.
-Сите болки и тешкотии ги забораваш кога пред себе ќе ги видиш убавините на нашата Шара, изгрејсонцата и зајдисонцата и сета убавина на нашата Македонија. Овој подвиг уште еднаш ни покажа дека секоја цел е остварлива кога имаш јасна визија, одлучност, упорност, дисциплина и љубов кон она што го правиш, вели Благица.

За Ема Лазареска, овој подвиг е потсетување дека големите цели се остваруваат чекор по чекор.
-Имаше замор и тешки делници, но секој следен врв ни даваше нова сила. Кога имаш јасна цел и човек покрај себе на кого му веруваш, можеш да стигнеш многу подалеку отколку што си замислувал, додаде Ема.
Девојките се членки на планинарското друштво „I Love Hiking“ и со години градат искуство, физичка подготвеност и почит кон планината. Нивниот последен подвиг е силна порака за истрајноста, женската храброст и значењето на заедништвото.
Инаку, 35-те освоени врвови симболично ги поврзаа 35-те години македонска независност со слободата што се чувствува на планинските височини, истакнуваат тие. Без голема придружба и без олеснувања, двете високогорки покажаа дека најсилните приказни понекогаш ги создаваат само двајца луѓе, една заедничка цел и решеноста да продолжат и кога патеката станува најтешка.

Подвигот на Благица Владимировска и Ема Лазареска заслужува да допре до јавноста не само поради импресивните бројки, туку и поради она што тие го претставуваат - храброст да се постави голема цел, дисциплината таа да се следи и силата да се стигне до крајот. Затоа што границите не се поместуваат одеднаш. Се поместуваат чекор по чекор, врв по врв.
МИА
Ново на Сител
-

„Безбеден град“ од сабота ќе се применува и во Велес
-

Угостителските услуги во август на годишно ниво поскапи за 3.7 %
-

За викендот се најавува дожд и пад на температурата
-

Уапсен тетовец, чистејќи го својот имот запалил оган и предизвикал пожар
-

Стрелките се враќаат еден час назад: Еве кога започнува зимското сметање на времето
-

35 врвови за 35 години независност: Благица Владимировска и Ема Лазареска ја изодеа Шар Планина за четири дена
-

Загрижувачки резултати: Само третина од 15-годишниците во земјава имаат основни познавања за математика, читање и наука
-

Мерц: АфД е „деструктивна сила“ која никогаш нема да освои апсолутно мнозинство
