Македонија
17. March 2026 - 16:47

Ацо Ристов чекор поблиску до претседател на Регулаторната комисија за енергетика

Ацо Ристов е предлог за нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика. Тој е електроинженер со повеќе од 34 години работно искуство во енергетиката. Беше и градоначалник на Радовиш од ВМРО-ДПМНЕ од 2021 година до лани. Ристов ја доби поддршката од надлежната собраниска комисија со седум гласа „за“, два „против“ и ниту еден воздржан.

Освен него, на огласот за прв човек на Регулаторна се пријавил и Шамил Реџепи. Тој е магистер по економски науки и вработен во РКЕ 22 години, но не ги исполнил критериумите во огласот.

- Дипломиран економист не е наведено во огласот. Државјанството е старо од 1995 година што може да се каже дека е неважечко – кажа претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски.

Пратеничката Пашоли од ДУИ оцени дека огласот не бил усогласен со Законот за енергетика, според кој кандидатите за претседател на Комисијата можеле да имаат образование во неколку области.

- Ова не е првпат во процесите за јавни именувања да се создаваат услови каде има сомнеж и критеиумите се спремаат да се фаворизираат одредени лица, често поврзани со власта и во случаи кога има сериозна дилема не се исполнуваат ни законските услови – рече Арбана Пашоли, пратеничка од ДУИ.

- Марко Бислимовски е магистер по електротехника и беше именуван за претседател. Ние работиме во насока да го почитуваме законот. Ако вие инсистирате да се крши законот, ние нема да го прифатиме тоа – ѝ одговори Сајкоски.

Предлогот Ристов да стане претседател на РКЕ треба да биде изгласан на пленарна седница.

Ова доаѓа по оставката на Бислимоски минатиот месец, откако доби кривична пријава од Финансиската полиција за злоупотреба на службената положба.