Адем Чучуљ е кандидат за претседател на ДКСК
Генералниот секретар на Антикорупциска, Адем Чучуљ официјално е кандидат за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата. Чучуљ, кој беше најдобро оценет од Комисијата за селекција, доби едногласна доверба од пратениците во Комисијата за избори именувања.
- Предлог-одлуката ја ставам на гласање. Кој е за?.... Констатирам дека Комисијата со 10 гласа за, или едногласно, ја утврди предлог-одлуката за избор на претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата и истата ќе ја достави до Собранието, рече претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајковски.
Чучуљ 19 години е дел од Антикорупциска. За него велат дека е институционалната меморија на ДКСК. При изборот на моменталниот состав на Комисијата, и тој беше меѓу кандидатите за член, но не ја доби довербата од Собранието.
При интервјуто пред Комисијата за селекција кажа дека доколку стане претседател на Антикорупциска, главниот приоритет ќе му бидат софтверските решенија што ги користи ДКСК, но и заживување на Регистарот на избрани и именувани лица. Рече дека во моментот државата нема точни информации за функционерите бидејќи не сите институции навремено ги ажурираат податоците во Регистарот.
Чучуљ доби оценка 96,5 од можни 100 и беше најдобро рангиран од сите 10 кандидати кои беа на интервју во Законодавниот дом. За претседател на ДКСК првично се пријавија 13 кандидати, но еден не исполнуваше услови, а двајца имаа некомплетна документација.
Очекувањата се дека пратениците на Пленарна седница за Чучуљ ќе гласаат некаде на почетокот на декември, најверојатно во првата недела. Антикорупциска од крајот на јули е без претседател. Татјана Димитровска си поднесе оставка откако беше обвинета во случајот „Адитив“. Обвинета е за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат. Според обвинението, таа на лице обвинето во случајот „Адитив“ му пренесувала информации од предмет кој за него се водел во Антикорупциска. Дополнително, одговара и за фалсификување на сертификат за државна тајна, бидејќи во нејзино име, друг го полагал електронскиот испит.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
