Македонија
19. July 2025 - 9:20

АЕК објави тендер за доделување радиофрекфенции за мобилна телефонија преку јавно наддавање

Агенцијата за електронски комуникации донесе Одлука за распишување на јавен тендер со јавно наддавање за доделување на одобренија за користење на радиофреквенции од радиофреквенциските опсези 700 MHz, 1800 MHz и 3.x GHz. Одлуката следува по јавната расправа за таа намена која резултираше со Писмa за искажување на интерес од ОНЕ Македонија Телекомуникации ДООЕЛ Скопје, Битстрим Мобиле ДООЕЛ Скопје и од е& ппф Телеком Груп Б. В. 

Најнискиот почетен изос на пазарната вредност на радиофрекфенциите како еднократен надомест  за одобрението А1 изнесува 4,2 милиони евра, за одобрението Б1 е 1,5 милиони евра,  а за одобрението  C1, 2,320 милиони евра.

Понудувачот кој ќе се квалификува  за јавното наддавање треба да уплати депозит во висина од 10 проценти од почетниот изос на пазарната вредност на радиофрекфенциите. 

Рокот за доставување на понудите е 35 дена од денот на објавата, а јавното отворање на понудите ќе се изврши на 22 август во 10 часот во просторииите на АЕК. 

АЕК на 22 април годинава објави  намера за спроведување постапка на јавен тендер со јавно наддавање за нов мрежен оператор во државава, а на барање на „Оне Македонија телекомуникации“, фирмата што унгарската телеком-компанија „Фор-ај-џи“ ја регистрираше во државава по објавата за влез на македонскиот телекомуникациски пазар.

Заклучно со четвртиот квартал лани, бројот на активни претплатници во мобилната телефонија изнесува 1.975.907. 

Од 10 нотифицирани субјекти во службената евиденција на АЕК во четвртиот квартал лани шест субјекти обезбедуваа јавно достапни телефонски услуги на јавна мобилна комуникациска мрежа: Македонски Телеком АД Скопје, А1 Македонија Скопје, Лајкамобајл – Скопје, Телекабел – Штип, Греен Мобиле – Прилеп и МТЕЛ – Скопје. 

Испитувањето на јавното мислење од аспект на заштита на корисниците на електронски комуникациски услуги на Агенцијата за електронски комуникации, објавено на почетокот на месецов, покажаа дека најниско задоволство има од цените на услугата мобилна телефонија со 55,9 проценти.

МИА