Ахмети: Секој што ќе го допре албанскиот јазик ќе добие одговор
Секој што го доведува во прашање албанскиот јазик, ја доведува во прашање и иднината на државата. Секој обид да се ограничи неговата употреба нема да помине без одговор, се закани лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во писмо што го објави на Фејсбук. Тој пишува дека нема достоинство без албанскиот јазик како официјален јазик и дека кој ќе го допре овој принцип, го допира самиот основ на државата.
Писмото на лидерот на ДУИ стигна два дена откако Венецијанската комисија го испрати одговорот до Уставниот суд по повод оспорувањето на Законот за употреба на јазиците. При тоа, Ахмети бара Уставниот суд да се откаже од тоа, како што напишал, да биде параполитичка институција и инструмент на дестабилизирачки агенди што ја разнишуваат уставноста и еднаквоста во земјата.
„Албанскиот јазик не е привилегија, туку стекнато право загарантирано со Уставот. Секој обид да се релативизира или ограничи тоа право е директен предизвик на уставниот поредок и нема да помине без одговор., пишува Ахмети.
Без да ја прозве директно, лидерот на ДУИ во писмото испраќа порака и до владејачката ВМРО-ДПМНЕ, коментирајќи дека секоја сериозна партија треба да размисли за ова прашање.
„Реториката ‘можете да зборувате албански колку сакате, но има само еден официјален јазик’ не е ниту модерна, ниту државотворна, ниту европска. Таа не носи мир, туку создава напнатост; не гради мостови, туку продлабочува поделби; не лечи, туку ги отвора раните што земјата скапо ги платила; и не ја зацврстува државата, туку го подрива самиот основ на коегзистенцијата“, стои во писмото на Ахмети.
Предметот сè уште е пред Уставниот суд, но неофицијално, одлуката ќе се носи откако ќе биде избран и последниот уставен судија што недостасува.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
