Македонија
23. November 2025 - 16:25

АХВ спречи увоз на над 20 тони небезбеден помфрит од Холандија - рокот на употреба му поминал пред 6 месеци

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство во две одвоени акции спречија небезбеден помфрит и пилешки стек во големи количини да се најдат во продажба на македонскиот пазар.

Во првиот случај на граничниот премин Табановце не е дозволен увоз на 20.500 килограми помфрит. Рокот за употреба на замрзнатиот компир од Холандија бил поминат пред точно 6 месеци, односно на 23 мај годинава.

-Забранетите количини замрзнат компир, во присуство на инсепктори за храна од Агенцијата, нештетно се уништени во петокот на депонијата Дрисла, врз основа на изречената мерка забрана за увоз и издаденото решение со наредба за нештетно уништување, изјави Оливер Миланов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

При вонреден инспекциски надзор кај оператор со храна од животинско потекло во Скопје инспектори на АХВ заплениле и нештетно уништиле 2000 килограми пилешки стек кој бил спакувам во големи палети, небезбедно чуван, несоодветно и нехигиенски подготвуван за понатамошна продажба.

-Поради непочитување на процедурите на Добра хигиенска и Добра производствена пракса, на операторот со храна изречена му е мерка времена забрана за работа и парична казна од 4.400 евра во денарска противвредност, вели директорот на АХВ Миланов.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство најавија дека и во наредниот период ќе продолжат со контроли и ќе преземаат мерки за заштита на граѓаните од  консумирање на небезбедна храна со тоа и за заштита на нивното здравје.