Академската фела со реакции за предлогот за заедничка резолуција со Бугарија
Предлогот на македонските власти за заедничка резолуција со Бугарија за потврда на македонскиот идентитет и јазик предизвика остри реакции кај експертската јавност. Ваква резолуција носи ризици и може да создаде уште подлабока и потрајна политичка стапица, по Договорот за добрососедство и со Францускиот предлог, реагира професорката од Институтот за македонски јазик Елка Јачева Улчар.
Со самото инсистирање на европска потврда за нешто што по својата природа е неприкосновен и историографски заснован факт – македонскиот јазик и идентитет – ризикуваме да го сведеме на предмет на политичко договарање. Тоа не само што ми се чини е концептуално погрешно, туку отвора врата за натамошни условувања, повторни ревизии и несоодветни компромиси. Всушност, со ваквиот пристап, повторно го ставаме македонскиот народ и јазик „во волча уста“ – како заложници на туѓа добра волја и како предмет на преговарачка „размена“, што историски ни носело само штета, а им одело во прилог на негирачките агенди на соседите.
Остро реагира и академик Катица Ќулафкова. Предупредува дека ваква инцијатива би било „руски рулет“ за Македонија. Според неа неодговорно е да се бара признавање на македонскиот јазик кој има свој историски континуитет и развој.
Да се бара од соседна Р. Бугарија да поднесеме заедничка Резолуција пред Европскиот парламент за признавање на македонскиот јазик, за признавање на ноторен лингвистички, научен и културен факт, е еден вид „руски рулет“ за Македонија, крајно неодговорен чин. Билатералните политички спорови треба да си останат локални, билатерални и политички, а не да им се даде шанса да го загрозат статусот кој веќе е стекнат по сите основи, реагира Ќулафкова.
Предлогот на премиерот не го отвора прашањето дали ние веруваме во посебноста на македонскиот идентитет туку и дава простор на Бугарија да покаже дека тој не е пречка за македонските интеграции, смета шефот на македонската дипломатија.
Академската фела повикува ваквиот предлог за заедничка резолуција да не биде официјално процесуирана од македонските државни институции.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар