Македонија
12. August 2025 - 16:35

Алиу тврди дека одлуката за одземање на ингеренциите за лиценци на Стоматолошката комора е аргументирана

Аплицирањето за лиценци на стоматолозите од денеска ќе се врши во министерството за здравство во секторот стоматологија. И покрај тврдењето на актуелното раководство на Стоматолошката комора дека одлуката на Азир Алиу за одземање на надлежностите за лиценцирање е неоснована, тој не отстапува од намерата, зошто според него имало многу пропусти во работењето и сомнеж за финансиски злоупотреби во Комората.

-Тоа што ние го направивме, ценам дека е правилно и навреме, бидејќи ако не беше овој чекор, ние во септември, октовмри, ќе имавме во Македонија некаде 50 проценти стоматолози без лиценца, рече Азир Алиу, министер за здравство.

Обуките кои им се потребни на стоматолозите за добивање на лиценца ќе ги вршат факултетите во Скопје и Тетово. Но, Алиу не знаеше за колку време докторите откако ќе аплицираат ќе можат да го добијат документот кој им е неопходен за да работат со пациенти, а кој претходно во комората многу често го издавале и за ден –два.

-Пристапот и методологијата ќе биде иста, само ќе биде според законот. Стоматолозите да бидат спокојни, од денес имаме стрктуририана методологија и алгоритм. Идејата е сите чекори да бидат преземени и сите стандарди да бидат земени во предвид, рече Алиу.

Вчера претседателот на Стоматолошката комора ги негираше сите обвинувања од министерот за неправилности во нивното работење, повеќе контроли од неколку институции не утврдиле ништо спорно. Денковски дека на министерот му биле пласирани нецелосни информации од членовите на Комисијата и најави кривични пријави за нив. Кои следни чекори ќе ги преземат ќе одлучат на седниците на Извршниот одбор и Собранието на комората.