Македонија
5. јуни 2026 - 9:13

Алиу во Рига: Малите земји можат да бидат лидери во дигитални решенија во здравствените системи

Министерот за здравство Азир Алиу учествува на дванаесеттиот состанок на високо ниво на Иницијативата за мали земји на Светската здравствена организација за Европа, што се одржува во Рига, Летонија.

Дводневниот  состанок е посветен на едно од најважните прашања за здравствените системи во Европа - како малите земји, во услови на ограничени ресурси, миграција на здравствен кадар, стареење на населението и растечки потреби на пациентите, можат да создадат одржливи и иновативни решенија за здравствената работна сила, соопшти Министерството за здравство.

- Малите земји не секогаш имаат најголеми ресурси, но можат да имаат најбрза адаптација, најдобра координација и најсилна политичка волја за промени. Нашата цел е да изградиме здравствен систем кој подобро го користи знаењето на здравствените работници, го намалува административниот товар и им овозможува повеќе време за пациентите, истакна министерот Алиу во обраќањето на состанокоот.

Алиу учествуваше во сесијата посветена на оптимизација на здравствената работна сила, каде ја претстави Националната стратегија за дигитално здравство 2026–2030 како еден од клучните реформски процеси во државата. Тој посочи дека дигитализацијата не е само техничка модернизација, туку начин здравствениот систем подобро да го организира патот на пациентот, да ги поврзе нивоата на здравствена заштита и да им помогне на здравствените работници да работат со помалку административни пречки и со подобар пристап до релевантни податоци.

- Дигиталното здравство за нас не е цел само по себе. Тоа е инструмент за подобра грижа. Кога податоците го следат пациентот, лекарот има поцелосна слика, пациентот добива побрза и побезбедна услуга, а системот станува поорганизиран и поодговорен, рече Алиу.

Во овој контекст, министерот ги претстави следните чекори што ги презема Министерството за здравство: дигитализирани патеки на лекување, приоритетно упатување и тријажа, развој на мултидисциплинарни тимови што ја поврзуваат примарната, секундарната и терциерната здравствена заштита, како и пилот-проектот за теледерматологија, кој има за цел да ја доближи специјалистичката услуга до пациентите во руралните и оддалечените средини.

Тој се осврна и на новиот Закон за евиденциите во здравството, како дел од процесот за усогласување со Европскиот простор за здравствени податоци, како и на унапредувањето на националниот регистар на здравствени работници.

На панелот посветен на дигиталната технологија и вештачката интелигенција, министерот Алиу, заедно со министри и претставници од други европски земји, говореше за улогата на вештачката интелигенција во здравството и за преминот од фрагментирани системи кон поврзана, податочно водена здравствена архитектура. Воедно, тој порача дека вештачката интелигенција може да биде силна поддршка за здравството, но не смее да стане замена за човечката одговорност.

Учеството на состанокот во Рига е дел од пошироката заложба на Министерството за здравство за активно вклучување во европските здравствени процеси, размена на искуства со другите земји и примена на иновативни решенија што можат да ја зголемат одржливоста на здравствениот систем.

 

МИА