Амбасадорот Сулстром идната недела низ Македонија, билатералната соработка и партнерството во фокусот

Амбасадорот на Шведска, Ола Сулстром, следната недела, од 4-ти до 9 мај, ќе патува низ целата територија на Македонија, посетувајќи ги сите поголеми градови, со цел да ги истакне и одбележи бројните силни, како долгогодишни така и нови врски и партнерства помеѓу двете земји. Посебен фокус, како што информираат од Амбасадата, ќе биде ставен на придонесот на шведските компании, резултатите од шведската реформска соработка, како и на долгогодишните културни врски.
Посетата е дел од иницијативата „Амбасада на турнеја“ и започнува во понеделник наутро во Скопје, а ќе опфати посети во Тетово, Гостивар, Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Велес, Штип, Струмица и Куманово, по што ќе заврши во Скопје на Денот на Европа, во сабота, 9 мај. Во текот на оваа недела, амбасадорот и неговиот тим ќе ги истражуваат локалните знаменитости и вкусови за подобро да ја запознае земјата, а воедно ќе остваруваат средби со локалните власти и партнери, шведски компании, граѓански организации и организации на локалните заедници, дијаспората и претприемачите.
Турнејата почнува во Скопје, каде амбасадорот ќе ја посети улицата „Стокхолмска“, именувана во знак на благодарност за поддршката на Шведска по земјотресот во 1963 година, како и Домот за стари лица „Мајка Тереза“, изграден со шведска помош. Програмата вклучува и средби со големи и мали шведски компании кои работат во Северна Македонија, Бизнис форум во Битола коорганизиран со Шведско-македонската стопанска комора, Шведската алумни мрежа и регионалните Ротари клубови, како и посети на проекти финансирани од Шведска во рамките на реформската соработка, со фокус на заштита на животната средина, економско јакнење, управување со отпад и социјална инклузија.
Културните и локалните активности вклучуваат велосипедска тура по рутата Транс Динарика во близина на Охридското Езеро, настан со средношколци посветен на заштита на езерото, креативноста и одржливоста во Струга, како и дегустација на регионални специјалитети како што се тавче-гравче, баклава и пастрмајлија, меѓу другите.
Иницијативата #EmbassyOnTheRoad претставува уште еден иновативен напор на Шведската амбасада за одбележување и промоција на бројните силни врски меѓу Шведска и Северна Македонија – како и на поединците и организациите кои ја движат оваа соработка – и за зајакнување на билатералните односи, промоција на трговијата и инвестициите и потврдување на континуираната, цврста посветеност на Шведска да ја поддржува Северна Македонија во нејзиниот развој и на нејзиниот пат кон Европската Унија.
МИА
Ново на Сител
-

Трамп потврди дека е постигнат договор со Иран за прекин на војната и отворање на Ормуската Теснина
-

12 мртви при пад на авион во Мисури, САД
-

Николоски: Започнуваме со изградба на автопатот Скопје-Блаце, се поврзуваме со пристаништето во Бар со што отвораме нови можности за домашните компании
-

Иран ги обвини САД дека не ги исполниле своите обврски по израелскиот напад во Либан
-

Трамп ги повика Израел и Хезболах да престанат со напади „за да не ги расипат“ напорите за мир во регионот
-

Пожар помеѓу штипските села Долани и Љуботен, едно лице повредено
-

Полицијата приведе возач од Батинци, управувал возило со 244 километри на час, двојно поголема брзина од дозволеното
-

Мицкоски: Нема мигранти, но ќе има брза пруга, се потврди дека СДСМ кажува невистини
