Амнести интернешнл обвинува: Израел ја милитаризира хуманитарната помош заради продолжување на геноцидот
Меѓународната организација за човекови права Амнести интернешенал денеска обвини дека спорната Хуманитарна фондација за Газа (GHF), поддржана од Израел и САД, применува тактика на изгладнување на населението во Појасот Газа како средство за продолжување на геноцидот врз Палестинците.
Во нов извештај, Амнести обвинува дека Израел преку милитаризирани центри на GHF ја претворил хуманитарната помош во „замка за очајните и изгладнети Палестинци“, поставена во близина на израелски воени пунктови. Според сведоци, израелските сили отвориле оган врз цивили во близина на центрите. Министерството за здравство во Газа соопшти дека минатиот месец биле убиени повеќе од 500 Палестинци во близина на дистрибутивни точки на GHF.
– Секојдневните загуби на очајни Палестинци кои се обидуваат да добијат храна се последица на намерно таргетирање од израелските сили и претставуваат предвидлив резултат на неетичките и опасни методи на дистрибуција, изјави генералната секретарка на Амнести, Ањес Каламар.
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар го осуди извештајот, оценувајќи дека Амнести „се ставила во служба на Хамас и ги прифатила неговите пропагандни лаги“. Израелската армија соопшти дека употребува само предупредувачки истрели за контрола на масите, а дека огнено дејствува само кон „сомнителни лица“.
Израелското Министерство за надворешни работи и координативното тело COGAT информираа дека од 19 мај наваму, во Газа влегле повеќе од 3.000 камиони со помош, а GHF дистрибуирал доволно храна за 56 милиони оброци. Меѓутоа, хуманитарни организации предупредуваат дека оваа количина е далеку од доволна за да ги покрие потребите на населението во Газа.
Светската програма за храна (WFP) соопшти дека потрошувачката на храна во јуни достигнала критично ниско ниво, а разновидноста на исхраната е најлоша од почетокот на конфликтот. „Континуираното затворање на премините, зголеменото насилство од март, енормниот раст на цените на храната и ограничениот пристап до хуманитарни и комерцијални резерви сериозно го отежнаа пристапот до основни прехранбени производи“, се вели во извештајот на WFP.
Повеќе од 165 меѓународни добротворни и невладини организации оваа недела побараа укинување на GHF, тврдејќи дека преку неа Израел ја користи храната како оружје и ги крши хуманитарните принципи.
GHF, која е предводена од евангелистички свештеник близок до американскиот претседател Доналд Трамп, доби 30 милиони долари од американската влада минатиот месец – прва позната донација од САД. Останатите извори на финансирање не се јасни. GHF почна со дистрибуција на помош на 26 мај, по речиси тримесечната израелска блокада, која го доведе населението во Газа – над два милиона луѓе – на работ на глад.
Палестински сведоци опишуваат хаос и насилство околу центрите за храна, вклучително и користење на боеви истрели и шок-бомби од страна на обезбедувањето. Многу Палестинци мораат да поминуваат големи растојанија за да стигнат до локациите за дистрибуција.
GHF повика на истрага од израелската армија за наводите од Министерството за здравство во Газа, но тврди дека немало насилство во или околу нејзините центри и дека нејзиниот персонал не употребил оружје.
Израел инсистираше на алтернативен механизам за дистрибуција, обвинувајќи го Хамас дека ја злоупотребува хуманитарната помош. Обединетите нации и други хуманитарни организации негираат дека тоа се случува на значајно ниво.
Амнести и минатата година го обвини Израел за геноцид во Газа, наведувајќи дека тој намерно ги уништува Палестинците преку напади, уништување инфраструктура и блокада на основна помош. Израел ги отфрли обвинувањата како „антисемитски“.
Ново на Сител
-
Претставување на невестата и зетот на годинашната Галичка свадба
-
Сончево и многу топло, температурата до 40 степени
-
Поради штрајкот на француските контролори на летање откажани повеќе од 1.500 летови
-
ФК Силекс со бесплатен превоз и карти за натпреварот со ФК Дечиќ
-
СПM: Се заострува негаторската политика кон македонскиот идентитет и јазик
-
Путин и Трамп разговараа за Украина и историските врски меѓу Русија и САД
-
Уапсен мотоциклистот кој избега откако усмрти скопјанец на кеј
-
Во Германија уапсен маж, кој со секира повреди четири лица