Андоновски: Дигитализацијата е алатка за поконкурентна економија

Германско-македонскиот бизнис самит е настан кој веќе прераснува во важна платформа за економски дијалог, нови партнерства и теми кои се суштински за иднината на нашата економија, но и на нашето стратешко македонско-германско партнерство, рече попладнево министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски во обраќањето на Германско–македонскиот бизнис самит 2026, организиран од Германската стопанска комора и Македонско-германското стопанско здружение.
Тој истакна дека дигитализацијата на јавниот сектор не е само техничка тема, туку економска мерка која директно влијае врз конкурентноста, инвестициите, продуктивноста и довербата во институциите.
- Дигитализацијата не треба да ја гледаме како цел сама по себе. Таа е алатка за подобра држава и поконкурентна економија, рече Андоновски.
Тој нагласи дека целта на Министерството за дигитална трансформација е државата да стане побрза, подостапна и посигурна, а јавните услуги да не го забавуваат бизнисот, туку да го поддржуваат неговиот развој. Во фокусот на обраќањето беа три клучни столба: Националниот портал за услуги, интероперабилноста и кибер безбедноста.
Говорејќи за Националниот портал за услуги — uslugi.gov.mk, министерот истакна дека тој претставува една од клучните точки преку кои дигитализацијата станува директно видлива и достапна за граѓаните и компаниите. Во изминатите две години, дигитализирани се околу 200 нови електронски услуги, отворени се 13 нови центри за услуги ширум државата, а обезбедена е и законска валидност на електронските документи издадени преку Националниот портал, еднаква со хартиените документи.
- Кога зборуваме за Националниот портал за услуги, не зборуваме само за веб-страница. Зборуваме за деловна инфраструктура и за нов начин на комуникација меѓу државата, граѓаните и економијата, рече Андоновски.
Тој се осврна и на интероперабилноста, која овозможува институциите и корисниците на платформата да разменуваат податоци безбедно, стандардизирано и законито. Тој нагласи дека целта е „податоците да се движат, а не луѓето“, со што се намалуваат административните трошоци и се забрзуваат процедурите за компаниите. Говорејќи за кибер безбедноста, Андоновски посочи дека таа е предуслов за доверба во дигиталните услуги, заштита на податоците и отпорност на економијата.
- Дигитализацијата и кибер безбедноста мора да одат заедно. Дигиталните услуги немаат вредност ако граѓаните и компаниите не веруваат дека системите се сигурни, нагласи министерот.
На крајот, Андоновски истакна дека германско-македонската економска соработка е пример за важноста на довербата, стандардите и долгорочната визија, додавајќи дека бизнис-заедницата е клучен партнер во следната фаза на дигиталната трансформација.
Во рамки на настанот Андоновски беше дел и од панел дискусија на која се зборуваше за идните планови и цели кои сака да ги постигне Македонија во делот на дигиталната трансформација.
МИА
Ново на Сител
-

Сали: Пораките на Кос за проширување на ЕУ се позитивен сигнал
-

Скопје одбележува 116 години од раѓањето на Мајка Тереза, положено цвеќе пред спомен плочата
-

Трајановски: Почна изградбата на втората фаза од автопатот Скопје - Блаце
-

Бројот на жртвите од земјотреси во Венецуела надмина 6.500 луѓе
-

За Богородица обезбеден дополнителен превоз за сите верници и посетители до Манастирот во Матка
-

Во САД регистрирани првите овогодишни смртни случаи од морбили, епидемијата се шири
-

Утре и на 31 август ќе се прска против комарци во пет општини од Југоисточниот плански регион
-

Во Кривичен продолжува судењето за случајот „Онкологија“
