Анкета: Бизнисите од Западен Балкан бараат итно укинување на трговските бариери

Елиминирањето на трговските бариери меѓу земјите од Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора – сè повеќе се смета за клучен фактор за економскиот развој на регионот, јавува Косовската радио-телевизија.
Повикувајќи се на истражувањето објавено во рамките на „Балкански барометар“ на веб-страницата на Советот за регионална соработка (РСС), медиумот нотира дека мнозинството од фирмите силно го поддржуваат олеснувањето на трговијата и отстранувањето на административните и царинските пречки меѓу соседните држави.
Анкетата спроведена меѓу компаниите од шесте земји од Западен Балкан покажува дека речиси 70 отсто од нив го сметаат укинувањето на трговските бариери за „многу важно“ или „важно“. Според изнесените податоци, бизнисите веруваат дека слободното движење на стоки и побрзите гранични процедури директно би придонеле за зголемување на инвестициите, проширување на пазарите и намалување на оперативните трошоци.
Во Косово регионалната трговија се третира како еден од главните столбови за развој на приватниот сектор, каде што 60 отсто од фирмите го оцениле укинувањето на бариерите за „многу важно“, а 11 отсто за „важно“, иако постои и одреден скептицизам кај 17 отсто од анкетираните. Во Албанија поддршката изнесува 75 отсто.
Највисока стапка на поддршка за отворена трговија во Западен Балкан е забележана во Босна и Херцеговина, каде дури 88 отсто од фирмите се изјасниле за укинување на бариерите со другите земји од регионот.
Во Северна Македонија претпријатијата кои даваат поддршка за отстранување на трговските пречки изнесуваат 67 отсто, додека во Црна Гора тој процент е 68 отсто, што покажува исклучително позитивен климат за регионална економска соработка.
За разлика од останатите земји во регионот, фирмите во Србија покажуваат значително понизок интерес за укинување на трговските бариери. Овој процес таму е поддржан од 50 отсто од анкетираните, додека 28 отсто изјавиле дека отсуството на бариери нема никакво значење за нивната дејност.
Податоците на Советот за регионална соработка јасно укажуваат дека бизнис заедницата на Западен Балкан тежнее кон економска интеграција, поедноставени гранични процедури и пофункционален заеднички пазар со цел зголемување на извозот и привлекување странски инвестиции.
МИА
Ново на Сител
-

Миланов: Водата во Гостивар не смее да се користи до добивање на лабораториските резултати
-

Хоџа: Проектот за филтер-станицата во Вруток е завршен во 2014 година и е предаден на ЈКП „Комуналец“
-

Мортус пијан возач со 4,35 промили алкохол во крвта фатен во Делчево
-

Герасимовски: Ги повикуваме младите да аплицираат, досега е исплатена 71 субвенција за возачка дозвола во Центар
-

Две возила утрово опожарени на „Џон Кенеди“ | ВИДЕО
-

Ѓорѓиевски: Скопје го гради својот најголем еколошки штит
-

Невремето предизвика пожари, паднати дрвја и прекини на струја во Куманово и Старо Нагоричане
-

Миланов: Останува во сила забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод
