Анкета: Бизнисите од Западен Балкан бараат итно укинување на трговските бариери

Елиминирањето на трговските бариери меѓу земјите од Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора – сè повеќе се смета за клучен фактор за економскиот развој на регионот, јавува Косовската радио-телевизија.
Повикувајќи се на истражувањето објавено во рамките на „Балкански барометар“ на веб-страницата на Советот за регионална соработка (РСС), медиумот нотира дека мнозинството од фирмите силно го поддржуваат олеснувањето на трговијата и отстранувањето на административните и царинските пречки меѓу соседните држави.
Анкетата спроведена меѓу компаниите од шесте земји од Западен Балкан покажува дека речиси 70 отсто од нив го сметаат укинувањето на трговските бариери за „многу важно“ или „важно“. Според изнесените податоци, бизнисите веруваат дека слободното движење на стоки и побрзите гранични процедури директно би придонеле за зголемување на инвестициите, проширување на пазарите и намалување на оперативните трошоци.
Во Косово регионалната трговија се третира како еден од главните столбови за развој на приватниот сектор, каде што 60 отсто од фирмите го оцениле укинувањето на бариерите за „многу важно“, а 11 отсто за „важно“, иако постои и одреден скептицизам кај 17 отсто од анкетираните. Во Албанија поддршката изнесува 75 отсто.
Највисока стапка на поддршка за отворена трговија во Западен Балкан е забележана во Босна и Херцеговина, каде дури 88 отсто од фирмите се изјасниле за укинување на бариерите со другите земји од регионот.
Во Северна Македонија претпријатијата кои даваат поддршка за отстранување на трговските пречки изнесуваат 67 отсто, додека во Црна Гора тој процент е 68 отсто, што покажува исклучително позитивен климат за регионална економска соработка.
За разлика од останатите земји во регионот, фирмите во Србија покажуваат значително понизок интерес за укинување на трговските бариери. Овој процес таму е поддржан од 50 отсто од анкетираните, додека 28 отсто изјавиле дека отсуството на бариери нема никакво значење за нивната дејност.
Податоците на Советот за регионална соработка јасно укажуваат дека бизнис заедницата на Западен Балкан тежнее кон економска интеграција, поедноставени гранични процедури и пофункционален заеднички пазар со цел зголемување на извозот и привлекување странски инвестиции.
МИА
Ново на Сител
-

Уставни измени и реформи за забрзување на патот кон ЕУ
-

ОЈО ГОКК води предистрага за можна шпионажа во кабинетот на Претседателката Сиљановска Давкова
-

Кругови со оган, факели, прскалки и пиротехника низ годините се користеле во „Пулс“
-

Цариници запленија 500.000 евра на Табановце
-

Измамникот од Охрид осуден на 5 и пол години затвор
-

Пазарна утврди дека храната не поскапела, синдикалната кошничка пониска за 54 денари
-

Власта ќе го одблокира заемот од 260 милиони евра што го блокираше СДСМ
-

Денот на пожарникарите скопската бригада го слави со сериозен недостиг на кадар
