Анкетната Комисија за Онкологија да продолжи со работа
Вистината за канцер-мафијата мора да се знае. Одговорност за дивото месо во здравството ќе има, со име и презиме, вели претседателката на Анкетната комисија за скандалот на Онкологија и побара да не завршат денеска туку да бидат продолжени нивните надлежности. Барањето на Рашела Мизрахи доаѓа по вчерашните наводи на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека на клиниката се уште има злоупотреби на грбот на најтешко болните.
Овие нови сознанија за случувањата на Онкологија ја наметнува потребата да се испитаат сите нови информации и да се продолжи рокот на работата на комисијата и да се прошири опфатот на периодот на кој таа се однесува, вклучително и тековниот период од април 2023 година, на кој се однесува извештајот на ФЗО, изјави Рашела Мизрахи, претседател на Анкетна Комисија.
За документацијата што ја презентираше вчера Христијан Мицкоски, пратеници од власта ги прашаа денешните сведоци на Комисијата дали со ова се прави упад во случајот. Министерот Спасовски вели дека сите докази треба да бидат доставени до надлежните додека пак обвинителот Јовевски им објасни на пратениците дека не можат да им бидат откриван идетали од предистрагата.
-Прво, јас не можам да знам и ниту треба да знам кој и какви намери има со објаснување на било какви информации.Доколку постојат докази, а не ги доставува до надлежните истражни органи, ќе значи прикривање на доказите, изјави Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.
-Досега во оваа постапка имаме сослушано 40тина сведоци и дел од нивните исдкази се и во доказната постапка. Но не може да објавиме сега што се нивните искази, вели Љубомир Јовевски државен јавен обвинител.
Јовевски пред да одговара на прашањата на пратениците, го предизвика и нивниот револт кога укажа дека не треба да се мешаат во работата на обвинителството и да ја бараат политичката а не кривичната одговорност.
Денеска иако поканет не дојде поранешниот министер за здравство Венко Филипче, за кој пртеници кажаа дека имале бројни дополнителни прашања.
Ако не биде продолжена работата на Анкетната комисија, со денешните сведоци тие завршуваат и имаат одреден рок да донесат заклучоци и да утврдат дали и кој трерба да понесе политичка одговорност.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
