Апсење на граничниот премин Блаце откако Косовец му оставил 50 евра поткуп на полицаец
45 годишен Косовец е уапсен на граничниот премин Блаце заради давање поткуп на полицаец.
Откако возач на автобус со косовски регистрации не го пуштиле да премине граница оти немал соодветен сертификат, осомничениот дошол и се претставил како сопственик на превозната компанија. Побарал да разговара со шефот на смена, за да го пушти, а кога влегол во канцеларијата, на бирото оставил банкнота од 50 евра. Бил уапсен веднаш, а обвинителството бара и притвор.
„Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност тој да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и евентуалните соучесници, како и да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител му предложил на Судот да определи притворска мерка“, велат од обвинителството.
Случајов доаѓа по два дена откако Националниот координативен центар за гранично управување предложи цариниците и граничните полицајци да одат на полиграф за да се стави крај на корупцијата на граничните премини.
Првиот човек на царинската управа, пак, вели дека полиграфот нема многу да помогне во борбата со корупцијата.
„Немам информација колку е точноста на тие полиграфски тестирања, колку лесно некој тоа може да го избегне или да го „прелаже“ детекторот за лаги, бидејќи сме слушале дека има и такви техники. Ја искористив приликата и директорот на корејската царинска управа како една од најразвиените царински управи да го прашам дали има нешто вакво кај нив, тие не слушнале за некоја ваква практика, ниту кај нив, ниту во околината на државите со кои тие соработуваат“ – Стефан Богоев, Директор на Царинска управаж
Според предлогот на центарот за гранично управување, оние кои нема да го поминат полиграфот ќе бидат отстранети од работното место, а случајот предаден на јавните обвинители, иако според македонското законодавство разултати од полиграфско тестирање не може да се користат како докази во судска постапка.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
