Арсовска „фати“ дивоградба во Чаир
„Непознат објект на државно земјиште почна да се гради во Чаир“ - Градоначалничката на Скопје која утринава со тимови од Градот отиде на лице место вели дека станува збор за дивоградба оти не постои дозвола за градба и навлегува во генералниот урбанистички план каде што не смее да се гради. Според Арсовска, објектот имал диви приклучоци за струја и вода, па дојдоа и екипи на ЕВН и Водовод. Градилиштето не е оградено и е опасно за децата кои си играат во училишниот двор во близина. Околу нема информативна табла за тоа што се прави и кој е инвеститор. Според првите податоци кои ги добила, Арсовска вели дека веќе и е познато кој гради.
„Овој нема ниту проект, ниту елаборат, ниту за безбедност и сигурност при работа, ниту е обезбеден објектот. На три метри е од центар за едукација на деца и училиште каде што над илјадници дечиња секој ден циркулираат. Без потпорни ѕидови, нема платено ниту една давачка. 20 луѓе работеа тука кога дојдовме. Знаете како се разбегаа? Ко криминалци. Што бегаат? Кажи кој си, што си, дај лична карта, кој те ангажирал, која фирма работи, кој е сопственик на овој објект, зашто бегаш кога си во право? Еве јас сум во право и јас не бегам“ – Данела Арсовска, Градоначалничка на Град Скопје
Арсовска вели дека не и е јасно зошто општината Чаир не постапува и преку видео во живо на социјалните мрежи неколку пати го повика градоначалникот Ганиу да дојде. Но, тој не се појави.
„Пред криминалци не се повлекуваме. Три и пол години трпиме ние закани. Секој ден, од сабајле од будење до вечера имаме закани. Што мисли Ганиу дека е јак манга некој? Дека го поддржува силна политичка опција дека нешто ќе му се исплаши некој? Не се плашиме бре, тој е криминалец“ – Данела Арсовска, Градоначалничка на Град Скопје
Бидејќи нема проект, никој не знае дали објектот ќе биде станбен или деловен, ниту колку ката ќе биде, велат од надлежниот сектор на Градот.
„Направени се повеќе прекршоци, покрај сообраќајни, градежни, узурпација на простор, имот итн. Ние немаме никакви документи во моментов кај нас во Град Скопје за овој објект. Ниту има комуналии, ниту има времен режим за сообраќај дека гради било што, сигурно ниту преку СВР не е поминато дека узурпира троторар, велосипедска патека, влезен е во ГУП на регулационата линија на булеварот, ништо немаме од ова“ – Ивана Бајкова Шаља , раководител на сектор за планирање и уредување на Град Скопје
Додека Арсовска правеше увид, граѓанин на Чаир дојде и ја праша зошто не ги исполнила ветувањата кои им ги дала пред изборите. Тој рече дека градоначалничката во цел мандат ниту еднаш не отишла да ги праша какви маки имаат. Лично и се пожали на Арсовска за проблеми во сообраќајот, паркинг, канализација, по што таа му рече дека тоа е надлежност на Ганиу.
Градоначалникот на Чаир, тврди дека има писмена комуникација со која барал да постапи Градскиот инспекторат, но не добиле никаков одговор.
„Мило ми е што госпоѓа Арсовска по три и пол години стапна во Чаир како градоначалничка на Скопје. Јас навреме, имам и писмена комуникација, барав нивниот инспекторат да постапи во Чаир, но немаме добиено никаков одговор до денес“ – Висар Ганиу, градоначалник на Чаир
По овој објект, Арсовска посети и други локации во Чаир за кои вели дека се дивоградби.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар