Австралија се бори со најлошите шумски пожари од „Црното лето“

Илјадници пожарникари се борат со пожарот во австралиската држава Викторија, кој уништи домови, изгоре огромни површини со ниска вегетација и грмушести предели и ја прекина електричната енергија на десетици илјади жители.
Поголемиот дел од пожарите избувнаа во средината на неделата, среде интензивен топлотен бран во југоисточна Австралија. Досега проголтаа повеќе од 300.000 хектари грмушести предели, соопштија властите утрово, додавајќи дека десет големи пожари сè уште горат низ целата држава.
Повеќе од 130 објекти, вклучувајќи куќи, се уништени, а околу 38.000 домови и бизниси останаа без електрична енергија од пожарите, соопштија властите, додавајќи дека ова се најлошите пожари во државата од таканареченото „Црно лето“ од 2019-2020 година, кога шумските пожари уништија област со големина на Турција и убија 33 Австралијанци.
Премиерката на Викторија, Џасинта Алан, изјави дека илјадници пожарникари се на терен обидувајќи се да го ограничат ширењето на пожарите. „Каде и да можеме, ќе се обидеме да ги ставиме пожарите под контрола“, изјави Алан на прес-конференција во главниот град на државата Мелбурн.
Претходно во текот на денот, австралискиот премиер Ентони Албанезе изјави дека нацијата се соочува со ден на „екстремни и опасни“ шумски пожари, особено во Викторија, каде што голем дел од државата е прогласен за „зона на катастрофа“.
„Моите мисли се со Австралијците во погодените регионални заедници во ова тешко време“, рече Албанезе во телевизиско обраќање до нацијата од Канбера.
Еден од најголемите пожари беснее во близина на градот Лонгвуд, околу 112 км северно од Мелбурн, каде што досега се изгорени 130.000 хектари грмушеста земја и околу 30 згради, бројни лозја и обработливо земјиште се уништени, соопштија властите.
Десетици заедници во близина на пожарите се евакуирани, а многу државни паркови и кампови се затворени. Денеска е издадено предупредување за топлотен бран за големи делови од Викторија, додека предупредувањата за пожар се во сила за соседниот Нов Јужен Велс и Австралиската престолнинска територија, изјави главниот метеоролог на државата.
МИА
Ново на Сител
-

Минчев: Нема веќе доживотни функции и недопирливи позиции
-

Нормализиран сообраќајот на автопатот Велес-Скопје
-

Барал 100 евра за да избрише судска казна 200 евра и 6 месеци забрана за управување возило, уапсен судски службеник во Гостивар
-

РСБСП со апел за безбедно возење во зимски услови
-

ЦУК со апел да се патува внимателно и со зимска опрема за возилата
-

Општина Кисела Вода: Активиран Кризен штаб, континуирано се чисти снегот
-

Кошта: ЕУ ќе се брани од секој облик на присила, ќе го штити меѓународниот поредок
-

Затворен сообраќајот на наплатната станица Отовица поради снег, забрана за камиони на Плетвар
