Балканот под снег и мраз: Вонредни мерки во Србија, портокалов аларм во БиХ и Хрватска

Студен бран го зафати регионот на Западен Балкан, а во Србија е прогласена вонредна состојба во 11 општини поради екстремно ниските температури и високите снежни наноси, јавуваат локалните медиуми. Околу 9.000 домаќинства во Србија се без електрична енергија.
Вонредна состојба е воведена во општините Ваљево, Лозница, Осечина, Крупањ, Мали Зворник, Владимирци, Сјеница, Мајданпек, дел од Пријепоље, Лучани и Ивањица. Снегот го ограничи пристапот до 15 села, а железничкиот сообраќај на линиите до Лазаревац и од Младеновац кон Белград е во целосен прекин.
Спасувачките екипи од вчера до денес интервенирале 98 пати на терен, евакуирајќи 37 лица. Од компанијата „Електродистрибуција Србија“ соопштија дека снабдувањето со струја постепено се нормализира, но се уште се работи на дефектите кај неколку илјади корисници.
Температурите во Србија деновиве се спуштија до -17 степени Целзиусови. Портокалов аларм утрово е активиран за Белград, Бачка, Банат, Срем, како и за западна и југозападна Србија. Премиерот најави седница на Штабот за вонредни ситуации за разгледување на понатамошните мерки.
Слична е состојбата и во Босна и Херцеговина, каде исто така е прогласен портокалов метеоаларм поради температури од -15 степени. Хидрометеоролошкиот институт предупреди дека студот е опасен за здравјето на постарите лица, децата и хронично болните, јави БХРТ.
Хрватска, исто така, се соочува со обилни снежни врнежи во последните денови, а најниската температура е регистрирана денеска од -19,6 степени, објави хрватскиот портал „Индекс“. Температурата во главниот град Загреб утрово е -10 степени. Метеролозите за денеска највуваат постепено разведрување и нешто потопло време.
Во Црна Гора се очекува времето да се подобри денеска, но властите ги предупредуваат возачите да внимаваат на мраз и лизгање на земјиштето, објави МИНА.
Во Словенија, температурите се исто така ниски, а најстудено денеска е во југозападна Словенија - каде што температурата рано утрово беше -21,1 степени, објави словенечкото издание „24 ур“. Во остатокот од земјата, минималните температури се движат помеѓу -19 и -10 степени.
Ново на Сител
-

Во скриен бункер на камион на ГП Стар Дојран пронајдени 5050 штеки цигари | ВИДЕО
-

Црвен крст на Србија достави помош за 400 домаќинства, итна седница на Штабoт за вонредни ситуации
-

Објавена снимка како е скршено стаклото на бугарската амбасада во Скопје
-

Рафиња: Да не дојдеше Флик, ќе ја напуштав Барселона
-

Ѓорческа ја мина првата пречка во квалификациите на Австралија опен
-

Балканот под снег и мраз: Вонредни мерки во Србија, портокалов аларм во БиХ и Хрватска
-

Жељазков го врати неисполнетиот мандат за формирање влада веднаш откако го доби од претседателот
-

АЕК треба да донесе одлука за најповолен понудувач на тендерот за трет мобилен оператор
