„Безбеден град“ прогласен за најдобар проект за сообраќајна безбедност во Дубаи

Бројот на загинати во сообраќајни несреќи е намален за околу 29 проценти во споредба со претходните две години, а Министерството за внатрешни работи со проектот „Безбеден град“ го освои првото место во категоријата „Извонредност во сообраќајната безбедност“ на Светскиот полициски самит во Дубаи, соопшти денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Презентирајќи ги резултатите од проектот, Тошковски истакна дека во периодот јануари-октомври годинава бројот на загинати во сообраќајни несреќи изнесува 85 лица, наспроти 117 во истиот период лани и 119 во 2024 година.
-Тоа се 32 лица помалку споредено со 2025 година, односно 34 лица помалку споредено со 2024 година. Намалување отприлика околу 29 проценти - рече Тошковски и додаде дека во истиот период се регистрирани и 124 лица помалку со тешки телесни повреди во однос на 2025 година и 195 помалку во споредба со 2024 година.
Министерот соопшти и дека Министерството за внатрешни работи ја доби првата награда во категоријата „Извонредност во сообраќајната безбедност“ на Светскиот полициски самит во Дубаи за проектот „Безбеден град“, а Македонија била избрана за победник во конкуренција на кандидатури од полицијата на Сингапур, полицијата на Абу Даби, Управата за патишта и транспорт на Дубаи и индиската полициска служба од Махараштра.
-Во сообраќајната безбедност, со гордост можеме да кажеме дека добитник е Македонија. Знаеме што значи Сингапур кога се зборува за функционална администрација и технолошки развој, а многу добро знаеме што значат Дубаи и Абу Даби во примената на технологија. Но ние покажавме дека и Македонија има капацитет да постигне резултат што ќе биде препознаен во светот - истакна Тошковски.
Тој појасни дека признанието е доделено за проектот „Безбеден град“, кој покрај поставувањето камери опфатил законски измени, дигитализација на постапките и поврзување на институционалните системи во процесот на санкционирање на сообраќајните прекршоци.
Тошковски оцени дека клучната придобивка од системот е зголемената извесност на санкцијата и еднаквиот третман на сите учесници во сообраќајот.
Тој потсети дека во последните 15 години на македонските патишта животот го загубиле 2.131 лице, што, како што рече, претставува сериозен аларм за сите институции.
И покрај постигнатите резултати, Тошковски нагласи дека се потребни дополнителни инвестиции во патната инфраструктура, сигнализацијата, возниот парк и образованието во сообраќајот, посочувајќи дека крајната цел останува визијата за нула жртви на патиштата до 2050 година.
-Целта кон која што треба да се стремиме е визијата нула. За сообраќај без загинати и тешко повредени, впрочем тоа е и европска и светска цел заклучно со 2050-та година, да имаме нула жртви во рамки на сообраќајот. Вистинскиот тест ќе биде дали подобрувањето ќе трае и дали почитувањето на правилата ќе остане навика кога Безбеден град веќе нема да биде главна вест. Наградата е признание за завршената работа. Одговорноста за она што сеуште не е добро останува исклучиво наша. Додека постои едно дете кое што не може безбедно да премине улица, нашата работа не е завршена порача Тошковски.
Од МВР информираат дека за наградите на Светскиот полициски самит пристигнале повеќе од 700 номинации од над 60 држави во 13 категории, а изборот на победниците се спроведува преку независно стручно оценување, интервјуа и детална проценка на технолошките и оперативните резултати.
МИА
Ново на Сител
-

Англија ја заострува забраната за мобилни телефони во училиштата – нема да смеат да стојат ниту во ранците
-

За клиентите на „АЛТА банка“ од денес достапни електронското и мобилното банкарство
-

Кривична за 28-годишник од Такиџистан, доставил исправа со невистинита содржина со цел да го продолжи престојот
-

34-годишник се обидел да силува 22-годишна девојка во струмичко
-

Кривична за 38 годишен тетовец, оставил писмени закани кон деканот и останатите професори на факултетот
-

До крајот на годината „Безбеден град“ ќе казнува непрописно паркирање и запирање на булеварите
-

Дендијас: Западен Балкан е потенцијален извор на дестабилизација, Европа не смее да го занемари
-

Министерството за правда: По 30 години, нов Кривичен законик
