Безбедносната состојба стабилна, Американците во светот повикани на претпазливост
Американските власти ги повикаа своите граѓани ширум светот на зголемена претпазливост поради актуелните безбедносни ризици. Во соопштението на Стејт департментот, кое беше споделено од Амбасадата на САД во земјава, се апелира американските државјани да бидат особено внимателни при престој во странство, со посебен акцент на регионот на Блискиот Исток.
Предупредувањето, означено како безбедносно, укажува и на можни нарушувања во авиосообраќајот поради повремени затворања на воздушниот простор што може да доведе до измени на меѓународните летови.
„Стејт департментот на САД ги известува американските државјани ширум светот, а особено во регионот на Блискиот Исток, да преземат зголемени мерки на претпазливост. Американските дипломатско-конзуларни претставништва, вклучително и оние надвор од регионот на Блискиот исток, биле цел на напади. Групи кои даваат поддршка на Иран, може да таргетираат други интереси на САД во странство, или објекти поврзани со САД или американски државјани на глобално ниво“, се вели во известувањето објавено од амбасадата во земјава.
Во меѓувреме, министерот за внатрешни работи, изјави дека безбедносната состојба во државата е стабилна. Според Тошковски, засега нема индиции дека конфликтите на Блискиот исток имаат влијание врз безбедноста во земјата.
На седницата за безбедност, одржана на почеток на месецов на која се разговараше за состојбите на Блискиот исток, беше оценето дека е стабилна безбедносната состојба. Беше укажано дека е потребно и будно следење на воените дејствија и засилена активност на инструментите за рано предупредување.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
