Блумберг: По средбата со европските лидери, Трамп од Орбан побара укинување на ветото за членство на Украина во ЕУ
Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот телефонски разговарал со унгарскиот премиер Виктор Орбан за да го придобие во поддршката за членство на Украина во Европската Унија, јави синоќа „Блумберг“, повикувајќи се на извори запознаени со разговорот.
Разговорот уследил по средбата во Белата куќа меѓу Трамп и европските лидери, на која присуствуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Европските претставници го замолиле американскиот лидер да ја искористи својата блискост со Орбан за да го убеди да се откаже од ветото на украинското членство во ЕУ – цел што Киев одамна ја посакува.
Според информациите, Унгарија изразила подготвеност да биде домаќин на следниот самит, на кој би учествувале Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин. Трамп ја поддржал идејата за ваква средба, по која би следел и трилатерален состанок меѓу двајцата лидери и американскиот претседател. Засега не се познати времето и местото на одржувањето.
Весникот „Политико“ јави дека Белата куќа разгледува можност трилатералната средба меѓу Трамп, Путин и Зеленски да се одржи во Будимпешта.
Орбан, кој одржува блиски односи со Путин, во повеќе наврати се обидувал да го блокира или забави европското финансирање на оружје за Украина, како и воведувањето санкции против Кремљ. Ни Белата куќа, ниту канцеларијата на Орбан засега не ја коментираа телефонската комуникација, посочува Блумберг.
Унгарскиот премиер вчера преку Фејсбук порача дека членството на Украина во ЕУ „не обезбедува никакви безбедносни гаранции“ и дека „поврзувањето на членството со гаранции за безбедност е непотребно и опасно“.
Разговорот со Орбан се случил истиот ден кога Трамп имал и телефонска дискусија со Путин, која траела околу 40 минути и се одвивала без присуство на европските лидери и Зеленски.
Средбата во Вашингтон со европските официјални лица и Зеленски уследи само неколку дена по средбата на Трамп, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф со Путин во Алјаска.
Рубио сега ја предводи новоформираната заедничка комисија составена од претставници на САД, ЕУ, Украина и НАТО, која ќе работи на предлог за безбедносни гаранции за Киев.
Трамп, кој инсистира на завршување на руско-украинската војна што трае веќе три и пол години, најави подготвеност за воздушна поддршка на Украина како дел од можните гаранции.
– Подготвени сме да им помогнеме со многу работи, особено, веројатно, преку воздух, затоа што никој нема тоа што ние го имаме, изјави американскиот претседател.
МИА
Ново на Сител
-
Тема на денот со проф.Борче Давитковски
-
Жителите на с. Љубојно со денови протестираат против сечата на дабова шума
-
Трамп подготвува средба помеѓу Зеленски и Путин
-
Државата го доби Казандол на арбитража и заштеди 115 милиони евра
-
Притвореници не се спроведуваат на судења поради недостиг на затворски полицајци
-
Лице кое било под лупа на ДКСК кривично ја гони екс претседателката
-
Меџити и Ѓорѓиевски не очекуваат хаос со изборните листи – Зелен Хуман град собира потписи за нова партија
-
ДИК не донесе упатство