Македонија
2. јуни 2022 - 16:34

Бочварски не знае колку ќе чини санацијата на одроните на автопатот Штип - Миладиновци

Министерството за транспорт и врски ќе штеди на непродуктивни трошоци, а средствата ќе се релоцираат во капитални инвестиции, пред се во изградбата на гасоводот, за побрзо надминување на енергетската криза, најави денеска од Штип, министрот Благој Бочварски. 

Кратењата се предвидени со ребалансот на буџетот кој е ставен за расправа пред пратениците во Парламентот.

-Работиме на постапките за одборување на инфраструктурните проекти за магистралниот гасовод кон Гевгелија, односно, интерконекторот со Грција, кој што е од исклучителна важност заради постигнување на уште поголема енергетска независност на државата и секако кракот кон Велес, кој што ни е многу важен. Се работи и на постапки за физибилити студии, проектирање на продолжување на краците од Гостивар кон Кичево и Охрид и секако од Битола кон Охрид, за да го затвориме прстенот за гасификација на цела држава, изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Бочварски не знае колку ќе чини санацијата на одроните на автопатот Штип-Миладиновци и кога ќе заврши, но најави дека новите 2 патарини ќе започнат со работа.

-Веќе привршува изградбата на патарините и во координација со ЈПДП и изведувачите потоа ќе бидат пуштени во употреба, додаде Бочварски.

Министерот изврши увид на градежните работи на браната на р. Отиња, за чија изградба од буџетот се обезбедени 306 милиони денари.