Борисов: Мицкоски ми е добар пријател, го повикувам да престане да зборува, изборите поминаа
„Мицкоски ми е добар пријател, му честитав на успехот, но со оваа реторика целата бугарска политичка класа е разгорена“, изјави поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов. Првиот човек на ГЕРБ го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да си ги измери зборовите, оти изборите во земјава биле завршени.
„Со колегата Мицковски отсекогаш добро сум работел, но би ги повикал колегите, изборите поминаа, да си ја исчистат реториката и строго да се придржуваат до договорот за добрососедство кој го потпишавме“ - Бојко Борисов, лидер на ГЕРБ
Ова доаѓа откако привремениот бугарски премиер Димитар Главчев веќе кажа дека Бугарија нема да прави отстапки во однос на Македонија.
„Се надевам дека ќе ја продолжат својата европска перспектива. Од наша страна немаме каде да правиме повеќе отстапки“ - Димитар Главчев, премиер на Бугарија
Во Бугарија веќе тече изборната кампања за новите парламентарни избори. Сите го делат истиот став – земјава да го почитува потпишаниот договор.
„Ние и дадовме понуда на Северна Македонија и таа не е бугарска, таа е за цела Европа. Не можеме и нема да го смениме мислењето за ова прашање“ - Кирил Петков, копретседател на „Продолжуваме со промената“
„Нема да дозволиме Бугарија да се користи за внатрешно-политички цели во Северна Македонија. Сакам да му се обратам на господинот Мицкоски - нема да има бугарски премиер што ќе оди против интересите на Бугарија“ - Делјан Пеевски, лидер на ДПС
„Го потсетувам Христијан Мицкоски дека не се сите Бугари Македонци, туку сите Македонци се Бугари. Најдобар пат за евроинтеграциите на Македонија е целосна интеграција со Бугарија“- Костадин Костадинов, лидер на „Преродба“
„Бугарија предолго покажа трпение и добра волја. Барањето нови остапки е неприфатливо. Нема да дозволиме понижување на бугарското достоинство“- Корнелија Нинова, лидер на БСП
Влезот на земјава во ЕУ е блокиран заради ветото од Бугарија бидејќи Македонија одби во Уставот да ги впише и Бугарите.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
