Македонија
5. May 2026 - 14:06

Божиновска: Македонија во нова фаза на енергетската политика – на имплементација, резултати и одговорност

Секторската работна група за енергетика денеска одржала состанок во Владата, на кој, како што информира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), е порачано дека енергетската транзиција повеќе не е план, туку активен процес со конкретни резултати и мерливи цели. 

Фокусот на дискусијата на состанокот, на кој присуствувале претставници од Делегацијата на Европската Унија, УНДП, Светска банка, амбасади, клучни институции од енергетскиот сектор, како и претставници на донаторската заедница и меѓународните финансиски институции, бил ставен на забрзување на реформите, ефективна донаторска координација и утврдување на следните приоритети во спроведувањето на стратешките документи и реформската агенда.

Како клучни приоритети се посочени: финализирање на законската рамка, забрзување на инвестициите во обновливи извори и мрежна инфраструктура, дигитализација на процесите, унапредување на енергетската ефикасност, како и засилено следење на имплементацијата на реформите.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во обраќање на состанокот истакнала дека Македонија влегува во нова фаза на енергетската политика – фаза на имплементација, резултати и одговорност.

- Градиме енергетски систем што нуди стабилност, доверба и одржливост. Со новата законска рамка, инвестициите во обновливи извори и засилената соработка со меѓународните партнери, ги поставуваме темелите за модерен, конкурентен и европски усогласен енергетски сектор - нагласила министерката Божиновска.

Особен акцент бил ставен на усвојувањето на Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030 (NECP), кој претставува клучна рамка за декарбонизација, енергетска ефикасност и интеграција во европскиот енергетски пазар. Министерството потсетува дека веќе работи на воспоставување систем за следење, известување и координација за негова ефективна имплементација.

Во делот на праведната транзиција, било истакнато дека процесот веќе добива конкретна оперативна динамика, со усвоен Годишен план за 2026 година и подготвени мониторинг извештаи. Преку Инвестициската платформа за праведна транзиција, велат од МЕРМС, се забрзуваат инвестициите во обновливи извори, со фокус на нови работни места, преквалификација и поддршка за заедниците погодени од транзицијата.

- Состанокот ја потврди и силната определба за целосна интеграција во европскиот енергетски пазар. Новиот Закон за енергетика, усогласен со европското законодавство, воведува современи пазарни механизми, вклучително и ден-однапред и интрадневен пазар, и ја зајакнува улогата на националниот оператор на пазарот на електрична енергија, се вели во соопштението.

Претставниците на енергетските компании информирале за тековните и планираните инвестиции. Бил нагласен напредокот во модернизацијата на преносната мрежа, развојот на обновливите капацитети, како и процесите на пазарно поврзување и дигитализација.

Од страна на МЕРМС се презентирани, како што велат, конкретни резултати од изминатиот период, меѓу кои: активни инвестиции во соларни и ветерни капацитети во соработка со меѓународни финансиски институции;  напредок во реализацијата на гасните интерконектори со Грција и Србија;  подготовка на програми за енергетска ефикасност, вклучително и реконструкција на јавни објекти;  воспоставување системски пристап за справување со енергетската сиромаштија. 

- Учесниците го поздравија постигнатиот напредок и ја нагласија потребата од уште поинтензивна координација и партнерство во остварувањето на заедничките цели – енергетска безбедност, одржливост, конкурентност и целосна интеграција во европскиот енергетски систем. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува цврсто посветено на транспарентен, инклузивен и резултатски ориентиран процес на енергетска транзиција, како клучен двигател на економскиот развој и европската интеграција на државата - информира МЕРМС.

 

МИА