Бранителите на Карпалак ја дадоа најголемата жртва за Македонија, ниту смееме, ниту можеме да ги заборавиме
Денеска се навршуваат 24 години од еден од најтажните денови во поновата историја на Македонија, денот кога кај месноста Карпалак од страна на терористите во заседа беа убиени 10 мина прилепчани. Прилеп денеска им оддаде почит со положување на свежо цвеќе на нивните вечни почивалишта, панихида, а пред споменикот Карпалак се одржа централната манифестација. Беше истакнато дека ние како идни генерации треба го продолжиме нивното дело и љубов кон Татковината и да не дозволиме ова зло да се повтори.
„Нивната жртва е наш аманет. Нивната љубов кон Македонија е наша водилка. Нивната храброст е темел на иднината што ја градиме – тивко, достоинствено, со мир, разбирање и заедништво.Денес, не сме тука само да се потсетиме. Денес сме тука да ветиме – дека нема да ги заборавиме, дека ќе ги учиме нашите деца за нив, дека ќе ја чуваме оваа земја што ја сакале повеќе од својот живот. Карпалак е рана, но и завет. Завет дека Македонија ќе биде држава на правда, на мир и на достоинство. Завет дека нема да има повеќе поделби и омраза“, истакна Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Пред присутните се обрати и заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, и самиот учесник и преживеан од овој настан. Ристески истакна дека овие луѓе се големи херои на Македонија кои ја дадоа најголемата жртва за нашата татковина, нешто што никој од нас ниту смее, ниту може да го заборави.
„Нивните имиња вечно ќе останат во нашата меморија, а наша должност е достоинствено да ги чествуваме, да се сеќаваме на нивната жртва и да го пренесеме нивното херојство и љубов кон Македонија на идните генерации. Навистина сум горд што Прилеп и Република Македонија 24 години достоинствено им оддава почит на паднатите херои, ја чествува нивната храброст, жртва и идеал“, изјави Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд.
Почит денеска беше оддадена и на месноста Карпалак каде се случи овој грозоморен настан.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар