Брвеница избира градоначалник

Жителите од десет населени места Општина Брвеница денеска гласаат за градоначалник на предвремените локални избори откако на 23 јуни 2026 година на 58-годишна возраст почина дотогашниот прв човек на општината, Јовица Илиевски.
Избирачките места се отвораат во 7 часот и се гласа до 19:00 часот. Во Избирачкиот список за изборите во Брвеница се запишани 16.256 избирачи од кои 449 се на привремена работа во странство, а во затвор или во притвор се девет избирачи.
Државната изборна комисија (ДИК) првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од Општинската изборна комисија (ОИК) во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.
ОИК првичните резултати од изборите ги објавува во рок од 7 часа по завршувањето на изборите врз основа на податоците од ИО и ги истакнува на огласна табла во општината и ги соопштува на јавните гласила.
ДИК конечните резултати од изборите ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.
Во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список. Доколку во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник на општината, не излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина, се повторува целата изборна постапка.
На изборите за градоначалник на Брвеница се гласа за шестмина кандидати на четири политички блока и двајца независни кандидати. Стојанчо Радически е кандидат на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Радески од Коалицијата предводена од СДСМ, независниот кандидат Душан Богдановски, Јакуп Усеини од Коалиција ВРЕДИ, независната кандидатка Арифе Идризи и Аркин Јахији од Национална алијанса за интеграција (НАИ).
Функцијата на вршител на должноста градоначалник во изминатите месеци ја извршуваше Роберт Милошески.
МИА
Ново на Сител
-

Премиерот Мицкоски на отворање на новиот производен капацитет на компанијата „АСП – ПАК“ ДООЕЛ во Охрид
-

Брнабиќ бара дијалог со претставниците на Студентската листа пред конститутивната седница на Парламентот
-

Рубио: Постигнат е напредок за безбедносните гаранции за Украина и Европа по завршувањето на војната
-

Трамп во интервју за Си-Би-Ес: Верувам дека војната во Украина ќе заврши, и тоа наскоро
-

Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
-

Норис победник на трката во Бразил, титулата кај конструкторите за Мерцедес
-

Алкараз победник на Мастерсот 1000 Париз
-

Трамп: Америка со последните избори направи голем чекор назад во историјата
