Бугарија влегува во Еврозоната, левот заминува во историјата

Бугарија од денеска официјално станува 21-ва членка на Еврозоната со што бугарскиот лев ќе биде заменет со еврото како нова национална валута на земјата.
Иако, еврото од денеска е во официјална употреба во Бугарија, сепак до 31 јануари во промет ќе може да биде користен и левот, при што за плаќањата во левови, кусурот што ќе се враќа ќе биде во евра. Левовите во кеш ќе може да се менуваат за евра во која било комерцијална банка, пошта или Бугарската народна банка.
Паралелно со ова од денеска 96 отсто од банкоматите во Бугарија ќе издаваат само евробанкноти, а преостанатите ќе го направат тоа во рок од две недели.
Од денеска Бугарија влегува и во т.н. преоден период што ќе трае до 8 август 2026 година, во кој цените во продавниците ќе бидат прикажани и во левови и во евра. Ова се прави со цел да се надмине загриженоста на потрошувачите од можно неоправдано зголемување на цените за време на периодот на замена на левовите со евра.
Според Европската комисија, усвојувањето на еврото како своја валута од страна на Бугарија претставува важна пресвртница за земјата, за историјата на еврото и за ЕУ како целина.
– Еврото ќе донесе практични придобивки за бугарските граѓани и бизниси. Ќе го олесни патувањето и живеењето во странство, ќе ја зголеми транспарентноста и конкурентноста на пазарите и ќе ја олесни трговијата. Банкнотите и монетите во евра за сите Бугари ќе станат опиплив симбол на слободата, удобноста и можностите што ЕУ им ги овозможува на своите граѓани, порача Европската комисија.
Нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен, пак, оцени дека приклучувањето на Бугарија кон Еврозоната, претставува едно од најголемите достигнувања на Европската Унија.
– Оваа пресвртница одразува години напорна работа и посветеност на надминување на предизвиците. Еврото ќе донесе придобивки за бугарскиот народ, полесни плаќања и патувања. Ќе донесе нови можности за бугарските бизниси, овозможувајќи им подобро да ги искористат предностите на нашиот заеднички единствен пазар. Дополнително ќе го зајакне гласот на Бугарија во Европа. Овој чекор е добар за Бугарија и ја зајакнува Европа како целина. Ја прави нашата економија поотпорна и поконкурентна на глобално ниво. Честитки, Бугарија! Можеш да бидеш горда на она што го постигна, нагласи Фон дер Лајен.
Одлуката за приклучување на Бугарија кон Еврозоната ја донесе Советот на ЕУ на 8 јули минатата година, кога беше утврден и курс на конверзија на ниво од 1,95583 бугарски лева за едно евро.
Според Договорот на Европската Унија, секоја земја при приемот во ЕУ се обврзува да го прифати еврото како своја валута, но нема утврден временски рок за тоа. Исклучок од ова правило е Данска, која со договорот за пристапување кон ЕУ побара да биде изземена од обврската за воведување на еврото.
За да се приклучи кон Еврозоната, секоја земја мора да ги исполни Мастришките критериуми, кои предвидуваат ниска инфлација, буџетски дефицит на ниво под три отсто од БДП, јавен долг од под 60 проценти од БДП, најмалку двегодишно членство во Европскиот механизмот на девизен курс (ЕРМ 2), како и просечната номинална долгорочна каматна стапка да биде повисока за најмногу два процентни поени од просечните камати во трите земји на ЕУ со најниска инфлација.
Бугарија, која стана членка на ЕУ на 1 јануари 2007 година, а на 10 јули 2020 година се приклучи кон механизмот ЕРМ 2, кој колоквијално се нарекува „чекална за Еврозоната“, од кога курсот на бугарскиот лев беше врзан за еврото. Софија првично планираше Бугарија да се приклучи кон Еврозоната на 1 јануари 2024 година, но оваа цел не беше остварена поради високата инфлација, чиј раст се припишуваше на Ковид пандемијата и руската инвазија врз Украина, но и на политичката нестабилност во земјата со неможноста за формирање стабилна Влада.
Европската комисијата на 4 јуни минатата година го објави Извештајот за подготвеноста на Бугарија за воведување на заедничката европска валута, во кој оцени дека земјата ги исполнува условите за приклучување кон Еврозоната од 2026 година. По ова, лидерите на земјите членки на Унијата на Самитот на 26 јуни му препорачаа на Советот на ЕУ да го одобри приемот на земјата во Еврозоната.
Со прифаќањето на еврото од страна на Бугарија, бројот на Европејци што ја користат заедничката европска валута се искачи на 356 милиони, а Еврозоната географски првпат се прошири до бреговите на Црното Море.
Но, наспроти ентузијазмот на властите и бизнисите, дел од жителите на Бугарија, која важи за најсиромашна во ЕУ со просечна месечна нето-плата од нешто над 1.000 евра, стравуваат од економска криза во земјата и раст на цените. Дополнително, приемот во Еврозоната доаѓа во очекување на нови предвремени парламентарни избори, осми по ред во последниве шест години, по падот на малцинската Влада на Росен Жељазков претходниот месец, по масовните протести иницирани од предложениот буџетски план за зголемување на даноците.
Анкетите покажуваат дека Бугарите се поделени по прашањето за приклучување кон Еврозоната, при што 51 отсто се „за“, а 45 проценти „против“. Генерално против се жителите на помалите градови и селата, пензионерите, но лица на работоспособна возраст со понизок степен на образование, кои при тоа се активни на социјалните мрежи.
Полицијата соопшти дека во немирите се уапсени шест лица, а десет полицајци се повредени.
Противниците на влезот на Бугарија во Еврозоната стравуваат дека тоа ќе донесе зголемување на цените, пад на куповната моќ на граѓаните и намалување на платите, но и „губење на националниот идентитет“. На социјалните медиуми дури се шират дезинформации дека воведувањето на еврото може да доведе до „конфискација на банкарски сметки“.
Според аналитичарот на бриселскиот тинк-тенк Бројхел, Жолт Дарваш, искуствата во други земји покажаа дека секогаш кога има премин од национална валута на евро, се создава „мал ефект на раст на инфлацијата“, но тој обично е помал од еден процент.
Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард при посетата на Софија лани во ноември изјави дека преминот кон еврото ќе донесе „полесна трговија, пониски трошоци за финансирање и постабилни цени“, но и „скромен“ инфлациски раст од 0,2 до 0,4 проценти.
Прашањето за прифаќањето на еврото беше неодминлива тема во бугарската внатрешна политика. Така, бугарскиот претседател Румен Радев во јуни 2025 предложи одржување референдум за ова прашање, оценувајќи дека во земјата има „недостиг на подготвеност“ за пристапување кон Еврозоната. По жестоката парламентарна дебата, мнозинството во Народното собрание го отфрли предлогот на Радев.
Главни противници на влезот на Бугарија во Еврозоната се проруските опозициски партии, кои во принцип се противат на поголема интеграција во рамките на ЕУ, тврдејќи дека прифаќањето на еврото ќе влијае на финансискиот суверенитет на Бугарија и ќе ја направи „премногу зависна од Брисел“.
– Некој друг ќе одлучува како ќе ги трошиме нашите пари. Бугарскиот буџет ќе го одобрува Европската централна банка. Тоа е антидржавен удар. Тоа е предавство, изјави лидерот на националистичката партија Преродба, Костадин Костадинов за време на дебатата околу референдумот предложен од Радев.
Од друга страна, приврзаниците на еврото сметаат дека пристапувањето на Бугарија кон Еврозоната е едно од најголемите достигнувања од демократската транзиција во 1989 година и се надеваат дека тоа ќе ја направи земјата попривлечна за инвеститорите и ќе ја зајакне нејзината ориентација кон побогатата Западна Европа.
Во пресрет на влезот во Еврозоната низ Бугарија се појавија билборди спонзорирани од Владата со пораката: „Заедничко минато. Заедничка иднина. Заедничка валута“.
Аналитичарот во софискиот Институт за пазарна економија, Петар Ганев смета дека приемот на Бугарија во Еврозоната претставува и можност и механизам за справување со корупцијата и недостатоците во владеењето на правото.
Сепак, според него, падот на Владата непосредно пред влезот на земјата во Еврозоната испраќа сигнал на неизвесност до странските инвеститори.
– Наместо да го искористиме прифаќањето на еврото како силен и позитивен сигнал до меѓународната заедница и инвеститорите, ние ризикуваме да испратиме спротивна порака, смета Ганев.
Според него, не претставува изненадување ниту поделбата на Бугарите околу прифаќањето на еврото, бидејќи тоа е показател на поширока политичка тензија во земјата.
– Тоа не е изненадување. Земјата е поделена по речиси сè што можете да замислите. А по годините на политичка нестабилност, добивме драстично поларизирана политичка сцена, вели Ганев.
Во моментов само шест од 27-те членки на ЕУ сè уште не се дел од Еврозоната. Покрај споменатата Данска, тоа се и Полска, Романија, Унгарија, Чешка и Шведска. Повеќето од нив избраа да ги задржат своите национални валути за да ја одржат независноста од ЕЦБ по клучни прашања, како што се стапките на раст, справувањето со инфлацијата или националниот долг, како и можноста да изберат да извршат девалвација на своите валути.
Од сите нив, за сега само Романија си постави некаков прелиминарен рок за приклучување кон Еврозоната во 2027 или 2028 година.
МИА
Ново на Сител
-

Напади врз полиција и апсења во Германија за време на дочекот на 2026 година
-

Бурна новогодишна ноќ за дежурните лекарски служби, двегодишно дете со повреди од огнено оружје
-

Тошковски ја започна годината со посета на службениците на Солунска Глава
-

АМСМ: Сообраќајот кон ГП Ќафасан е се уште во прекин во двата правци
-

Град Скопје ќе гради прва катна гаража во Клиничкиот центар до втората половина на 2026 година
-

Првото бебе во државата е Евгенија, трето дете на семејството Камчеви
-

Пет нови членки се приклучуваат на Советот за безбедност на ОН
-

Градоначалникот Јанков во новогодишната ноќ ги посети дежурните служби
