Бугарски историчари и научници со писмо се спротиставија на политиката кон Македонија
Софија демонстрира застарени сфаќање и изнесува неодржливи и наивни тврдења против Северна Македонија. Ова е ставот на 30 бугарски историчари, научници, универзитетски професори кои застанаа против меморандумот што Бугарија го испрати до земјите членки на Европската Унија за македонските евроинтеграции.
Тие, во писмото со наслов „Европа не не’ разбира“ објавено на Медиапул.бг пишуваат:
„Не веруваме дека процесот на формирање на македонската нација, со сите нејзини специфики, фундаментално се разликува од начинот на формирање на другите нации, ниту пак сметаме дека може да се сведе на формулата во меморандумот за „етнички и јазичен инженеринг“. Се спротивставуваме и на претставувањето на македонската нација како плод на „југословенска пропаганда“.
Научниците коментираат и дека за „сите стандардизирани јазици се во извесна смисла вештачки“ и пишуваат дека Европа не би можела да ги разбере тезите на некои влијателни бугарски научници.
„Иако го прифаќаме концептот на „заедничка историја“, ние се спротивставуваме на неговите елементарни толкувања, како и на неговата употреба за наметнување единствен наратив – во овој случај, официјалната приказна за минатото во Бугарија. Сметаме дека тврдењето за заедничка историја до 1944 година, еднострано толкувана како бугарска, е неубедливо“, пушуваат професорите.
Ваквиот став на дел бугарски интелкутлаци уште во петокот за Сител го најави првопотпишаниот на писмото – историчарот Стефан Дечев.
Во меѓувреме официјална Софија, како што објави Слободна Европа, до Брисел испратила забелешка на преговарачката рамка за Македонија. Бугарија бара добрососедството да се третира како суштинско прашање и да влезе во најголемиот и најбитниот кластер од преговорите, а македонскиот јазик да не се споменува во рамката.
Премиерот Заев пак, не очекува Бугарија да го блокира стартот на преговори со Унијата.
„Уште еднаш напоменувам – идентитетските прашања, македонскиот јазик, македонскиот народ се право на самоопределба. Бугарија е европска земја и верувам дека во самите разговори, во самите документи е заради нивните напори, амбиции и оправдани желби да се најде заедничкото решение на заедничкото чествување на Гоце Делчев. Никако не очекувам да имаме пречки во тој дел заради тоа што дефинитивно од почетокот до ден денес Бугарија е еден од најголемите, ако не и најголем поддржувач на Република Северна Македонија во интеграциите во ЕУ“
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
