Цените на такси услугите во Штип остануваат непроменети
Амплитудните движења на цената на нафтата на светските берзи нема да влијаат врз цените на такси услугите во Штип. Ценовникот го утврдуваат советниците во Советот на општината, а покачувањето на такси тарифирањето од пред два месеци, кореспондира со актуелната куповна моќ на граѓаните, вели првиот човек на Здружението на штипските такси превозници.
- Не можат така лесно да се менуваат како цените на бензинските пумпи, бидејќи ние сме „врзани“ со советите на општините. Во секој град мора Советот да се состане, да изгласа со мнозинство нова цена, поскапа или поевтина. Цената е солидна, содејствува со моменталните услови. Гледаме дека на светските берзи цената на нафтата падна, но не е само цената на дериватите, ние сме поврзани и со минималната плата, со репроматеријалите, што значи од многу работи зависи цената на такси превозот, изјави Глигор Арсов, претседател на ЗТ „Такси 2003“- Штип.
За да во иднина се избегнат ваквите ценовни шокови и за такси превозниците, но и за џебот на граѓаните, ќе мора да се бараат алтернативни решенија.
- Да ги искористиме новите модели на возила, хибриди или електрични возила. Секако дека се малку поскапи, но во вакви моменти е многу практично и многу лесно ќе се справат со ваква криза, бидејќи, како што оди работата очигледно е дека борбата е за дериватите, додаде Арсов.
Набавката на софистицирани возила, според Арсов, би требало делумно да биде субвенционирана од општините и државата, зашто покрај енергетската независност, се добива безбедност, квалитет и чиста животна средина.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
