Четврта Ајвaријада во општина Босилово
Околу 400 килограми домашен ајвар беа направени на четвртата по ред Ајвaријада во Босилово. Преку 30 домаќинки и домаќини на 10 традиционални печки, неколку часа на лице место го прикажуваа целиот процес за подготовка на овој автентичен македонски деликатес.
Целта на манифестацијата не е само да се промовира производството на традиционалната пиперка ајварка, туку и да се зачуваат и презентираат рецептите и техниките кои со генерации се пренесуваат низ времето.
Годинава, за првпат во подготовката на ајварот се вклучија и домаќинки од Прилеп, а манифестацијата привлече неколку стотини посетители од целата држава, но и од соседството.
Градоначалникот на Општина Босилово истакна дека настанот има за цел да направи поголема промоција на еден од најголемите брендови во регионот – пиперката и ајварот, но воедно претставува и значаен поттик за развој на еко руралниот туризам.
Дел од приготвениот ајвар беше послужен на присутните гости, додека останатиот, поголем дел Општината ќе го донира на социјално ранливите семејства.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
