Човековата заштита од волци го олеснува ширењето на чакалите низ Европа, покажа нова студија во која учествуваат истражувачи од МЕД

Нова студија, објавена неодамна во списанието „Екологија и еволуција на природата“, покажува дека волкот е главниот природен фактор што ја ограничува експанзијата на чакалот низ Европа, но и дека неговото влијание го сузбива човекот со своите активности. Како резултат на тоа, чакалите би можеле да населат до 75 проценти од европскиот континент, површина речиси шест пати поголема од таа што моментално ја заземаат, се предвидува во студијата која обедини истражувачи од 13 европски земји, меѓу кои и д-р Диме Меловски и м-р Александар Стојанов од Македонското еколошко друштво (МЕД).
За подобро да се разбере човековото влијание во интеракциите меѓу различните животински видови, но и е да се објаснат причините за експанзијата на чакалот низ Европа, од 2001 до 2017 година се собирани стандардизирани теренски податоци за завивањето на чакалите на безмалку 9 000 локации низ Централна и Југоисточна Европа, вклучително и во нашата држава. Истражувањето покажа дека пократкотрајната снежна покривка, што е последица на климатската криза, умерената шумска покриеност и близината до водни тела позитивно влијаат врз бројноста на чакалот. Но, клучно за неговото ширење е отсуството на топ предатори, како волкот.
-Истражувањето ја потврди тезата дека историскиот пад на волците во Европа била главната причина за сè поголемата распространеност на чакалите низ Европа. Кога чакалите ќе почнеме да ги среќаваме и на места каде што вообичаено не живееле, вклучително и во повисоките предели, тоа значи дека популацијата на волкот, но и на разни видови плен, како срната, е загрозена - објаснува д-р Диме Меловски, раководител на Програмата за диви видови во МЕД.
Во деведесеттите години на минатиот век, чакалот кај нас бил истребен, поради што порано го имал статусот на строго заштитен вид. Ова повеќе не е случај. Иако честите случаи на прегазени чакали и бројните пријави од луѓе упатуваат на заклучокот дека бројката на чакали расте и кај нас, сепак не постојат точни податоци за овој вид кој денес ја населува целата територија на Македонија.
-Чакалот, како и секое друго животно, си има своја функција во екосистемот. Но, популациите на крупни месојади мора да се менаџираат. Ова, од една страна, ќе помогне да се врати и одржува балансот во екосистемот, а од друга страна ќе спречи да дојде до истребување на даден вид. Токму затоа, државата, во соработка со ловните друштва и со експертски организации како нашата, треба да преземе мерки за управување со оваа популација, почнувајќи прво од утврдување на бројката на чакали - подвлекува м-р Александар Стојанов од МЕД.
Истражувањето посочува дека закрепнувањето на топ предаторите може да биде решение базирано на природата за регулирање на растечките популации на мезопредаторите. Во нашиот контекст, ова е уште една причина да се заштити волкот со ловостој, имајќи предвид дека неговата популација е во опаѓање. За да се постигнат и задржат ваквите еколошки ефекти, потребно е топ предаторите да достигнат еколошки ефективна густина и соодветна популациска стабилност. Ова претставува голем предизвик во предели доминирани од човекот, поради што е неопходно да се преземат ефикасни мерки за спречување и намалување на конфликтите меѓу човекот и животните.
МИА
Ново на Сител
-

Скопјанка со велосипед пропаднала во шахта на улица
-

Туск апелира до претседателите Навроцки и Зеленски да го решат спорот околу историските трауми меѓу Полска и Украина
-

Трамп бара итен прекин на израелско-иранските напади
-

Кривична за екс директорот на ЈП „Национални шуми“, продавал изгорени дрва по нереално ниски цени
-

Нова фабрика на „Макрогрес“ од 8,5 милиони евра, Мицкоски најави поддршка за домашните бизниси
-

Бензините поевтинуваат за 2,5, а дизелот поскапува 1,5 денара
-

Перез: Му посакуваме добредојде на еден од најдобрите тренери во светот – Мадридистот Жозе Мурињо
-

Докторот на репрезентацијата на Данска кажа за состојбата на Ериксен откако ја изгубил свеста
