Д Фестивал годинава со хуман карактер за настраданите во кочанската дискотека
Д фестивал, најголемиот музички фестивал под отворено небо, годинава со хуманитарен карактер за настраданите во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Фестивалот за прв пат се организира во Штип, од 4-ти до 6-ти јули, на помошниот терен на градскиот стадион. Собраните средства ќе се донираат преку Супорт Кочани на семејствата на повредените за нивно идно лекување.
- Влезот за посетителите годинава за сите ќе биде бесплатен, но ќе постои таканаречен хуманитарен билет кој од денеска ќе биде достапен за сите, а средствата ќе бидат на Супорт Кочани, изјави Катерина Евго, „Пасворд продукција“
На главната бина и „Москито Стејџ“ ќе се претстават над 30 изведувачи од земјава и странство.
- Тука се Архангел, Кирил Џајковски кој ќе настапи заедно со TK Wonder и Rootsman, Мизар, Фолтин, Љубојна, Пијан Славеј и Паркети, додаде Евго
Организаторите велат дека кон оваа листа на изведувачи наскоро ќе бидат додадени и нови имиња, а публиката на Д Фестивал ќе има привилегија да биде дел од тридневниот музички маратон. Општина Штип е со обврска да обезбеди електрична енергија, вода и локација, а сите сместувачки капациетите ќе бидат ставени на располагање на гостите, зашто годинава нема да има кампинг зона.
- Штип е град кој има богата забавно културна програма во текот на целата година, а Д Фестивал го започнуваме како новитет од оваа година и сум сигурен дека ќе го привлече вниманието на илјадници гости, изјави, Иван Јорданов, градоначалник на Општина Штип
Д Фестивал првпат се одржа на 1-ви август 2011 година во Дојран, со 12 артисти и 950 посетители. Низ годините, дел од фестивалот беа 120 организации и исто толку волонтери. Ова е единствен фестивал од ваков тип во државата со тенденција годинава да се надминат сите поставени рекорди.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар