Македонија
3. May 2024 - 16:41

Дали и кој ќе им ги врати парите на граѓаните кои платија поскапо осигурување за регистрација на возилата?

Компаниите разочарани, граѓаните збунети – бура реакции по Владината одлука да се вратат старите цени на автомобилското осигурување.

Клучното прашање кое сега се поставува е дали и кој ќе им ги врати парите на сите оние кои ги регистрирале возилата од 25 април до вчера и платиле 15% поскапа полиса.

Од Агенцијата за супервизија на осигурување не упатија во Групацијата на осигурување при стопанската комора. Оттаму, пак, ни рекоа дека „за понатамошните дејствија ќе се знае следната недела“.

Од Владата молк. И таму прашавме дали граѓаните ќе бидат обештетени и дали воопшто постои механизам да им се вратат парите.

Возачите цела недела плаќаа поскапо од 840 до 1.600 денари плус, во зависност од моќноста на возилото.

Во меѓувреме, реагираа осигурителните компаниите. Велат дека се изненадени.

„Комисијата за автомобилска одговорност при Министерството за финансии донесе избрзана, непазарна и еднострана одлука без да ги земе во предвид аргументите на сите засегнати страни во осигурителната индустрија. Со донесената Одлука се лимитира делот за вршење на дејноста односно трошоците и се воспоставува 100 отсто државна контрола над цените за автоодговорност. Со ова се оддалечуваме и од принципите на Европската Унија и од правилата на пазарната економија“, велат од стопанската комора.

Се огласија и Друштвата за неживотно осигурување.

„Одлуката претставува директна закана за финансиската стабилност на осигурителниот сектор и е поставување во целост на регулаторно ограничување во ценовните политики што е спротивно на препораките на ЕК во извештајот за напредокот на нашата земја, кое може сериозно да ја доведе во прашање грижата за осигурениците“, пишува во дел од реакцијата.

Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето неколкупати потенцираа дека поскапувањето не е оправдано, а објавија и анализа, во која се вели дека лани вкупниот износ на настанати штети од осигурување изнесувал 39 милиони евра што претставува 45% од заработената премија, која изнесувала речиси 87 милиони евра.

Па, според овие бројки, од АСО рекоа дека „дополнителното зголемување на премијата би значело непотребно оптоварување на осигурениците и повеќе слободни средства за осигурителните компании за кои немаат оправдување за што би биле наменети“