Македонија
20. May 2025 - 16:35

Дали ќе има независни кандидати на локалните избори? Уставен ги укина спорните одредби на изборниот законик

Уставен ги укина одредбите од Изборниот законик со кои за 3 до 4 пати се зголеми прагот на потписи за независни кандидати. Ова во пракса значи дека Собранието мора да донесе нови измени бидејќи во моментов не постои никаква законска основа за независни кандидатури на изборите кои треба да се одржат за 5 месеци.

Првиот човек на Уставен очекува пратениците оваа законска празнина да ја пополнат час поскоро.

-Станува збор за укинувачка одлука, а не за поништувачка одлука, што значи дека претходното правно правило не оживува и законодавецот во најскоро можно време треба да пристапи и да ја пополни оваа правна празнина. Во спротивно, евентуалното непостапување на законодавецот би значело дополнителна повреда и дополнително стеснување на основните слободи и права на човекот и на граѓанинот и тешка повреди на политичкиот плурализам, сите темелни вредности на нашиот правен поредок, изјави Костадиновски.

Укинатите измени предвидуваа независните кандидати за пратеници советници или градоначаници да соберат 1% граѓански потписи од вкупниот број запишани гласачи во изборната едница или општина, наместо претходно предвидените 1000. Со ова според Уставниот суд се прекршени темелните вредности на Уставот, правната сигурност и предвидливост и начелото на владеење на правото.

Иницијативата пред Уставен ја поднесоа повеќе граѓански организации кои денеска се задоволни од одлуката.

„Независните успеаа. Уставен суд пресече! Измените на Изборниот законик со кои на сите граѓани на кои им е преку глава од партиите им се отежна учеството на сите избори, се неуставни“, велат од „Шанса за Центар“ како едни од подносителите на иницијативата.

Изборниот законик беше променет во март минатата година, на предлог на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, едногласно и по скратена постапка.