Дали Стоматолошката комора работела незаконски ќе испитува Обвинителството
Обвинителството ќе испитува дали Стоматолошката комора работела незаконски како што тврдат од министерството за здравство . Од таму денеска информираа дека целокупната документација и извештаите од надзорите ги доставиле во Јавното обвинителство. Министерот Азир Алиу јавно изрази сомжеж и за финансиски злоупотреби во Комората.
- Доставени се трите извештаи за работа на комисијата за вршење надзор над законитоста на работата во вршење на јавното овластување на Стоматолошката комора од 25.02.2025 година, од 15.05 2025 и од 21.05.2025 година. Дополнително е доставено и известување до Стоматолошката комора од 11.03.2025 година, како и списи и документација од секторот за стоматолошка здравствена заштита, соопштија од мз.
Од републичкото обвинителството кратко информираа дека документацијата вчера е доставена кај нив и ќе биде распоредена кај јавен обвинител кој ќе го разгледа предметот и ќе го достави на надлежно постапување на соодветно јавно обвинителство.
Од стоматолошката комора пак ја одобруваат постапката на министерот. И тие имаат кривична пријава за членовите на Комисијата која тврди дека утврдила неправилности во нивното работење.
- Веста дека министерот ги доставил до обвинителство сите наводни докази за сите наводни неправилности од страна на Стоматолошката комора на Македонија ја примивме со одобрување зошто конечно ќе имаме множност и нашите докази да стигнат пред непристрасна институција и каде ќе може да ги потврдиме нашите тврдења за исправното работење на Комората. Исто така напоменуваме дека голем дел од доказите се веќе во ОЈО како пропратен материјал на кривичната пријава која Комората ја поднесе за Комисјата за надзор врз основа на чиј извештај министерот постапи како што постапи, велат од Стоматолошката комора.
Во меѓувреме Алиу и ги одзеде ингеренциите на Комората за издавање лиценци на стоматолози и оваа обврска ја презема министерството.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар