Македонија
21. March 2026 - 16:32

Дел од локалитетот „Маркови Kули“ пошумен со 6.000 садници на даб

Како дел од проектот „Пошумување на споменикот на природата „Маркови Kули“ финансиски поддржан од Бирото за регионален развој, но и како дел од одбележувањето на Денот на пролетта денеска во Прилеп, дел од локалитетот Маркови Кули, кој што се наоѓа над новите градски гробишта на патот за Трескавец, беше пошумен со 6.000 садници на даб.

„Видот на садниците е определен согласно прописите кои ги налагаат од Институтот за старословенска култура, кои се задолжени за одржување на изгледот на овој споменик на природата и она што значи заштитено културно наследство овде на територијата на општина Прилеп и сметам дека ова е начинот на кој треба секој Ден на пролетта да се одбележи, а тука е и онаа заложба која ја има да се почести бидат овие акции за пошумување на природата“, вели Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.

Во акцијата учествуваа преставници на Македонски шуми, ЈКП Комуналец Прилеп и волонтери.

„Мене ми е навистина мило тоа што го гледам овде, секоја чест за Општината и ЈКП „Комуналец“ кои го организираат ова што го гледате денес и ден претходно. Најголемо задоволство ми прави тоа што гледам и најмали дечиња кои се одзваа на поканата на Општината, секако со своите родители да дадат еден придонес кон ова кое треба да биде слика во цела Македонија“, кажа Кире Михаилов, заменик директор на Македонски Шуми.

Како дел од овој проект освен 6.000 садници Општина Прилеп доби и еден трактор, 25 дупчалки за садење, како и 100-тина парчиња друг алат. Опремата во иднина ќе може да ја користат сите граѓани кои сакаат доброволно да пошумуваат.

„И сакаме еве еден апел до сите граѓани на општина Прилеп да се охрабрат и во иднина да организираат се повеќе вакви акции за пошумување, а Општина Прилеп и Јавното комунално претпријатие и опремата која веќе ја имаме набавено ќе им стојат на располагање заедно да ги сработиме сите тие работи“, додаде Гоце Бојкоски, координатор на проектот.

Во иднина се најавени и други вакви акции за пошумување во околината на Прилеп.