Македонија
24. March 2026 - 16:33

Дел од регионот се соочува со недостиг, а во Македонија дизелот поевтинува за еден денар

Бензинските станици кои набавуваат гориво од најголемиот снабдувач добија денар плус попуст за дизелот. Со намаленото ДДВ и попустот, на најголем дел од бензинските пумпи ширум Македонија, бензинот БС-95 се продава по 84,5 денари, 98-октанскиот се точи за 86,5 денари, а дизелот, по ново, ќе чини 92,5 денари.

-ОКТА дополнително го зголеми попустот за дизел од 2 на 3 денари по литар, односно воведе дополнителен попуст од 1 денар, со продолжување на мерката до 6 април. Ова е конкретен резултат на партнерскиот пристап и континуираната координација, со цел директни придобивки за граѓаните и стопанството – кажа министерката за енергетика, Сања Божиновска.

Ако Владата не го намалеше ДДВ-то и немаше попуст, бензините ќе беа поскапи за 8 и пол денари, а дизелот за 10 денари.

Земјите од регионот се соочуват со сериозни нарушувања во снабдувањето. Најтешка е ситуацијата во Словенија каде над 250 бензински пумпи останале без дизел. Некои станици останале без залихи уште напладне поради навалица од возачи од Австрија. Слични сцени има и во Хрватска каде по најавата за поскапување, граѓани со канистри и буриња чекале и по повеќе од еден час за да наточат резерви.

На многу локации во Загреб дизел воопшто немало или се продавал само премиум по цена на обичен.

Македонија нема таков проблем. Државата има доволно гориво. Поради пониските цени, голем број граѓани од соседството доаѓаат кај нас за да си ги наполнат резервоарите. Вкупната потрошувачка е зголемена за 10-ина проценти, а најмногу се точи во пограничните региони со Албанија, Косово, Србија и Грција. Но, и покрај тоа, Македонија не размислува за ограничување на продажбата.

-За разлика од минатото кога, како земја коленичевме и молевме за помош, сега сме ние тие што генерираат стабилност и даваат помош. И нафтоводот е во целосна функција, цевката е полна, што претставува дополнителна сигурност, складовите се полни согласно закон, државните резерви се околу шеесетина дена, така што во овој момент, апсолутно нема никаква потреба од таква мерка – изјави премиерот Мицкоски.

Интересно е што, според премиерот, дел од аеродромите во регионот се снабдуваат со керозин токму од Македонија, што дополнително ја зајакнува улогата на земјава во енергетскиот систем на Балканот.

Владата разгледува можност за активирање на дел од резервите на мазут за производство на струја. Станува збор за околу 3.000 тони кои требало да се повлечат уште минатата година за време на кризна состојба, но не биле целосно искористени.

-Можеби ќе ја оживееме таа одлука, да се повлечат тие количини, па потоа евентуално би оделе со нова одлука – истакна премиерот.

А Филипче ја повика власта да ги прифати четирите мерки што ги предложи СДСМ, но и дополнително да донесе и пакет мерки за одредени категории на граѓани.

-Најсиромашните категории пензионери, социјалните случаи, семејствата со многу деца, најслабо платените работници мора да видат некаква помош од државата. Во нашите влади, во време на соочување со кризите беа поделени 2 милијарди евра директна помош кон граѓаните – рече Филипче.

Цената на нафтата на светските берзи вчера падна, па поради тоа од ДУИ бараат наместо еднаш, Регулаторната комисија да ги пресметува цените најмалку двапати неделно.

-Неделна потрошувачка: околу 12 милиони литри дизел. Разлика во цена: околу 9 денари по литар. Вкупен дополнителен трошок: над 1,5 милиони евра за само една недела. Ова значи дека граѓаните и малите бизниси плаќаат милиони повеќе, додека некој профитира од нефункционален систем – вели Албана Мустафа од ДУИ.

Регулаторна вчера го измени правилникот, па сега ќе можат да се носат вонредни одлуки за цените без да се чека редовна седница, но само во случај ако се сменат даноците или таксите кои се вклучени во пресметката.