Македонија
27. September 2026 - 19:57

Делчево очекува деблокада на општинската сметка

Општина Делчево работи на деблокирање на сметката, која со години го ограничува работењето на локалната самоуправа. Градоначалникот вели дека процесот е во тек и дека преостанатиот долг значително е намален.

-Ние како Општина Делчево активно работиме на одблокирање на самата сметка на Општина Делчево, затоа што навистина е тешко да се работи со лимит од 8,5 милиони денари, изјави Иван Гоцевски, градоначалник на Делчево.

Според градоначалникот, општината наследила долг од околу 190 милиони денари, а денес преостанале околу 35 милиони.

-Да, навистина имаме доста голем долг што го наследивме, но сега со радост можам да кажам дека тој долг е навистина минимализиран и дека јас искрено се надевам дека во текот на наредната година во целост ќе биде и анулиран, додаде Гоцевски.

Деблокадата е важна за општината да може послободно да располага со средствата и да ги насочува кон планираните активности.

-Навистина сакаме во тие четири години, јас кога сум градоначалник, да придонесеме Делчево да стане навистина поубаво место за живеење, посакувана дестинација за живеење и младите да го препознаваат како можност за создавање семејства и да останат да работат и да живеат таму. Сметам дека сите тие средства кои сега ни се одлеваат од буџетската каса, не по наша вина, поради грешки од минатото, да бидат инвестирани правилно, изјави Гоцевски.

По намалувањето на долгот, следниот чекор за општината е целосно ослободување на сметката. Градоначалникот очекува тоа да се случи во наредната година, со што, како што вели, Делчево би добило поголем простор за реализација на своите планови.