Девет медали за македонските кикбоксери на Европското првенство, Федерацијата реагира на судиски неправди

Македонската кикбокс репрезентација освои девет медали, од кои еден златен, два сребрени и шест бронзени, на Европското првенство во кикбокс за сениори, ветерани и параспортисти, кое од 6 до 14 ноември се одржа во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје.
На големиот меѓународен спортски настан учествуваа 1.023 натпреварувачи од 41 европска држава, со вкупно 1.189 натпреварувачки влезови. Македонија настапи со 33 натпреварувачи во 34 натпреварувачки влезови, кои се натпреваруваа во различни дисциплини и тежински категории.
Најголемиот успех за македонската репрезентација го постигна Нелсон Узеир, кој го освои златниот медал во дисциплината лоу кик, во категоријата до 86 килограми.



Со сребрени медали се закитија Стефан Михајловски во дисциплината кик лајт, во категоријата над 94 килограми, и Силвио Мировски во лоу кик, во категоријата до 71 килограм.
Шесте бронзени медали ги освоија Петре Велков во лоу кик до 67 килограми, Викторија Варадинова во лоу кик над 70 килограми, Теа Велковска во кик лајт над 70 килограми, Анастасија Јанческа во К1 до 48 килограми, Наум Додевски во лоу кик до 91 килограм и Марија Димовска во лоу кик до 60 килограми.





Македонската репрезентација беше предводена од претседателот и селектор на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија, Дејан Митровски – Урко, заедно со тренерскиот тим во состав Драган Атанасовски, Жарко Михајловски, Александар Димовски, Шенол Асанов, Зоран Спасов и Жарко Ангеловски.
Федерацијата обвинува за судиски неправди кон тројца македонски натпреварувачи
И покрај освоените девет медали, од Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија изразија незадоволство од дел од судиските одлуки, за кои тврдат дека директно влијаеле врз конечниот пласман на тројца македонски репрезентативци.
Како еден од најспорните случаи го посочуваат финалниот настап на Стефан Михајловски. Според Федерацијата, Михајловски во полуфиналето успеал да совлада повеќекратен светски шампион, по што во финалето се соочил со противник кого на претходно првенство го победил со 3:0.
Сепак, како што наведуваат од Федерацијата, по погрешна одлука на централниот судија, финалната борба била прекината, а македонскиот натпреварувач останал без можност да се бори за златниот медал до крајот.
Забелешки имаат и за финалната борба на Силвио Мировски, во која резултатот бил исклучително тесен. Од Федерацијата тврдат дека во последната секунда Мировски задал чист удар, по кој противникот се нашол во нокдаун, но судијата не го евидентирал ударот и не му доделил поен на македонскиот репрезентативец.
Според нив, ударот бил зададен во рамките на дозволеното време, но рундата била прогласена за завршена, со што Мировски бил лишен од можноста да освои значаен поен во решавачкиот момент.
Како трет спорен случај го наведуваат настапот на Марија Димовска. Од Федерацијата посочуваат дека во последните секунди од борбата, додека двете натпреварувачки биле во клинч, еден од судиите двапати доделил поен во корист на противничката.
Тие тврдат дека во тие ситуации немало удари што ги исполнуваат критериумите за бодување, а како дополнителен аргумент го наведуваат фактот дека останатите судии не ги евидентирале спорните поени.
Според Федерацијата, овие одлуки ја промениле резултатската предност во корист на противничката, по што Димовска ја загубила борбата.
Македонска судијка прогласена за најдобра на Европското првенство

Покрај успесите на натпреварувачите, Македонија доби и значајно признание во судискиот дел.
Македонската меѓународна судијка Елена Неделковска беше прогласена за најдобар женски судија во татами дисциплините, за што беше одликувана со пехар.
На првенството како меѓународен судија учествуваше и Никола Бубевски.
Од Федерацијата нагласуваат дека е потребна поголема финансиска поддршка за едукација и лиценцирање на македонските судии, бидејќи судиските семинари во голема мера се финансираат со сопствени средства.
Според нив, поголем број меѓународно лиценцирани македонски судии би придонел за поголемо присуство и влијание на Македонија во европските и светските кикбокс натпреварувања.
Скопје беше домаќин на повеќе од илјада натпреварувачи од 41 држава





Европското првенство беше организирано од Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија, во рамките на годишниот календар за 2026 година.
Официјалната програма започна на 6 и 7 ноември со мерење и медицински проверки на натпреварувачите, додека свеченото отворање се одржа на 8 ноември во Спортскиот центар „Јане Сандански“.
Првенството официјално го отвори претседателот на Сојузот на спортски федерации на Македонија, Мартин Клинчаров.
На церемонијата се обратија и претседателот на Светската асоцијација на кикбокс организации (ВАКО), Рој Бејкер, претседателот на Европската кикбокс федерација, Еспен Лунд, како и претседателот на македонската федерација, Дејан Митровски – Урко.
На отворањето присуствуваа и претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димовски, и деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Влатко Неделковски.
Од Федерацијата посочуваат дека, и покрај испратените официјални покани, на отворањето не присуствувале други поканети претставници од спортските институции и локалните власти.
Натпреварувачкиот дел се одвиваше од 9 до 14 ноември, а целокупниот настан заврши на 15 ноември.
Во рамките на шампионатот се одржа и првенство за параспортисти, на кое учествуваа 18 натпреварувачи од пет европски држави.
Покрај спортските натпревари, се одржа Генералното собрание на ВАКО Европа, на кое присуствуваа Дејан Митровски, како член на Бордот на директори на европската организација, и генералниот секретар на македонската федерација, Драган Атанасовски.
Беа организирани и стручни семинари за судии, тренери и спортисти, како и едукативни активности посветени на антидопингот, заштитата и безбедноста на учесниците.
Федерацијата бара поголема финансиска поддршка за боречките спортови
И покрај успешната организација и освоените медали, од Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија посочуваат дека се соочиле со сериозни финансиски потешкотии при подготовката и реализацијата на Европското првенство.
Според нив, организацијата била овозможена со помош од лични пријатели, спонзори и поддржувачи, а посебна благодарност упатуваат до премиерот Христијан Мицкоски за поддршката при реализацијата на настанот.
Од Федерацијата истакнуваат дека првенството поминало без технички застои и организациски пропусти, а претставниците на светската и европската кикбокс федерација дале високи оценки за организацијата.
Како што наведуваат, дел од меѓународните гости оцениле дека Македонија поставила високи стандарди во организацијата, протоколот и гостопримството на спортски настани од ваков ранг.
Сепак, од Федерацијата упатуваат апел до Министерството за спорт и останатите спортски институции во иднина да обезбедат повеќе средства за подготовките, тренинзите и учеството на македонските кикбоксери на меѓународни првенства.
Тие сметаат дека боречките спортови не добиваат соодветно внимание и финансиска поддршка во споредба со колективните спортови, иако, како што наведуваат, редовно освојуваат медали и постигнуваат значајни резултати на меѓународната сцена.
Од Федерацијата нагласуваат дека кикбоксот е еден од најтрофејните спортови во Македонија, а освоените девет медали на Европското првенство во Скопје се уште една потврда за потенцијалот и квалитетот на македонските натпреварувачи.
Со организацијата на големиот европски шампионат и настапот на домашните репрезентативци, Македонија доби можност да ги претстави своите спортски и организациски капацитети пред повеќе од илјада спортисти и бројни претставници на европските кикбокс федерации.
Ново на Сител
-

Путин изјави дека очекува „голема корист“ од претстојната трилатерална средба со Трамп и Шји Џјинпинг
-

Собранието на Србија продолжува со работа, ќе се бира претседател на Парламентот
-

Трамп: Најголемиот трговски договор со Филипините досега, ја прошируваме одбранбената соработка
-

Променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд
-

Еурофарм Пелистер го совлада бундеслигашот Гумерсбах
-

Си-ен-ен: Се урна безбедносна комуникациска мрежа на американската НСА
-

Македонските млади фудбалери У17 и покрај поразот продолжуваат во елитните квалификации
-

Андоновски одржа мастерклас во Париз: Во фокусот дигиталната трансформација на јавната администрација
