Девет медицински достигнувања кои дадоа надеж во 2025 година

И покрај тоа што изминатава година ја одбележаа кратење на буџетите и намалување на истражувачките тимови, науката извојува извонредни победи во 2025 година. Достигнувањата во медицината го преобликуваа начинот на кој го разбираме човековото здравје — а во некои случаи, го променија и начинот на кој денес се обезбедува здравствената нега.
Научниците открија изненадувачки нови начини за спречување болести и за засилување на лекувањето на ракот. Тие создадоа атлас на човечкото тело, уредија ген за само едно дете и ја подобрија негата за состојби кои се движат од алергии на храна до менопауза, рак на грлото на матката и вирусот причинител на имунитетски недостаток кај човекот (Human Immunodeficiency Virus) – ХИВ.
Ова се девет од најимпресивните откритија на годината.
1. Нехормонална револуција во грижата за време на менопаузата
Повеќе од 80 проценти од жените доживуваат топли бранови (налети на жештина) и ноќно потење за време на транзицијата кон менопауза, а според многу од нив, симптомите се доволно тешки за да влијаат на нивното секојдневие. Хормоналната терапија останува најефективниот третман, но многу жени не можат да ја примаат – особено ако имале рак на дојка или матка, длабока венска тромбоза или други здравствени состојби.
Два нови нехормонални третмани за умерени до силни топли бранови сега нудат олеснување за оние кои претходно беа оставени без опции. Lynkuet (elinzanetant), одобрен од Управата за храна и лекови (FDA) оваа година, му се придружува на Veozah (fezolinetant), кој доби овластување две години претходно.
Овие секојдневни таблети ги таргетираат невроните за регулирање на температурата во хипоталамусот на мозокот, откако научниците открија дека овие нервни клетки се подложни на флуктуациите на естрогенот за време на менопаузата.
2. Спас за децата со алергии без употреба на игла
Брзиот и лесен пристап до епинефрин може да биде спасоносен за децата со тешки алергии. Оваа година донесе алтернатива без игла. Neffy, нов назален спреј што се издава на рецепт, го означува првото големо ажурирање во испораката на епинефрин за деца во повеќе од три децении.
Алергии на храна има едно од 13 деца, а брзата доза на епинефрин за време на тешка реакција ја запира инфламаторната верижна реакција која би можела да доведе до хоспитализација или смрт поврзана со анафилакса. Но, многу деца – и нивните негуватели – се двоумат да употребат авто-инјектор како што е „EpiPen“.
„Neffy“ е одобрен за деца на возраст од четири години и постари, кои тежат од 15 до 30 килограми. Лекот се апсорбира во телото благодарение на новата технологија која привремено го олабавува просторот помеѓу назалните клетки, овозможувајќи му на лекот брзо да се апсорбира во крвотокот. Експертите очекуваат дека овој лек, кој лесно се администрира, ќе им помогне на повеќе деца за време на алергиски итни случаи.
3. Огромни чекори во регенеративната медицина
Долгогодишниот научно-фантастичен сон за регенерација или повторно растење на делови од човечкото тело се доближи до реалноста.
Научниците кои проучуваат како на саламандрите по ампутација повторно им растат екстремитетите, го лоцираа ензимот кој ги приспособува нивоата на ретиноична киселина – молекула од суштинско значење за регенерацијата. Тие исто така идентификуваа ген кој ги контролира големината и развојот на екстремитетот. Бидејќи луѓето ги имаат истите молекуларни состојки, овие наоди нудат груб нацрт кој еден ден би можел да го води повторното растење на екстремитетите кај луѓе кои закрепнуваат од трауматски повреди.
Други достигнувања ја внесоа регенеративната медицина во нови области. Истражувачите ја развија првата лепенка за имплантација која го зајакна срцевиот ѕид кај мајмуните. Матични клетки направени во лабораторија беа поттикнати да станат срцев мускул и сврзно ткиво пред да бидат имплантирани и интегрирани во срцето. Оваа технологија е во рана фаза, но е ветувачки пристап за луѓето со срцева слабост.
Научниците исто така користеа матични клетки за да создадат функционално ткиво на уретер. Ова е првпат оваа структура, која ја пренесува урината од бубрезите до мочниот меур, да биде изградена од овие програмабилни клетки – дел што претходно недостасуваше во потрагата по регенерација на реналниот (бубрежниот) систем.
4. Подобри скрининзи за сексуално преносливи инфекции
Повеќе од два милиони Американци годишно се дијагностицираат со сексуално пренослива инфекција (СПИ) – но многу други ја имаат болеста без да го знаат тоа. Овој јаз е важен: задоцнетите дијагнози и нега можат да предизвикаат неплодност или хронична болка во карлицата, како и понатамошно ширење на болеста.
Оваа година донесе значителни подобрувања во начинот на кој се откриваат неколку вообичаени СПИ. Скринингот за хуманиот папилома вирус (ХПВ), инфекцијата која може да предизвика рак на грлото на матката, традиционално вклучуваше земање брис од страна на здравствен работник во ординација, обично заедно со ПАП тест.
Новата алатка, Teal Wand, им овозможува на жените сами да ги соберат овие вагинални клетки дома, по кратка виртуелна посета за добивање рецепт. Жените потоа го испраќаат примерокот во лабораторија за анализа. Експертите велат дека овозможувањето на луѓето самите да земаат примероци би можело значително да ги зголеми стапките на скрининг.
Друга домашна опција, тестот Visby, исто така дебитираше оваа година и за него не е потребен рецепт. Тој врши скрининг за гонореја, хламидија и трихомонијаза. Корисниците можат да соберат примерок од клетки и да ги вметнат во мал уред за тестирање, кој ги прикажува резултатите за 30 минути на апликацијата на производот.
5. Генетско уредување за еден пациент
Алатката за генетско уредување CRISPR-Cas9, која на своите пронаоѓачи им донесе Нобелова награда во 2020 година, веќе го трансформираше третманот за состојби како што е српестата анемија. Но, оваа година, лекарите во Детската болница во Филаделфија ја искористија технологијата на невиден начин. Тие дизајнираа персонализиран ген за еден единствен пациент – машко бебе родено со ретко генетско и метаболичко нарушување опасно по живот.
Набргу по раѓањето, на бебето Кеј-Џеј (KJ) му била дијагностицирана генетска мутација што оштетила клучен ензим во уринарниот систем, предизвикувајќи опасно таложење на токсичен амонијак во неговиот крвоток. Околу половина од доенчињата со оваа состојба умираат набргу по раѓањето, додека други преживуваат само доколку добијат трансплантација на црн дроб.
Во овој случај, лекарите идентификувале еден единствен генетски дефект во гените на бебето и развиле персонализирано решение, кое му било администрирано на момчето на возраст од седум и осум месеци. Алатката CRISPR користела липидни наночестички – мали сфери на база на масти – за да ги пренесе генетските инструкции до црниот дроб, поттикнувајќи ги клетките на органот да го произведат ензимот потребен за корекција на мутацијата. Раните резултати покажуваат дека третманот драстично го подобрил здравјето на детето и на крајот може целосно да го излекува.
Оттогаш, и други болници почнаа да работат на свои сопствени програми за персонализирана генска терапија – технологија која на крајот би можела да излекува милиони луѓе со ретки болести, човек по човек.
6. Едноставна и ефикасна превенција на ХИВ
Вирусот на човечка имунодефициенција (ХИВ), микробот кој предизвикува СИДА, останува голем глобален здравствен предизвик. Во Соединетите Држави, на повеќе од 100 луѓе секојдневно им се дијагностицира вирусот. Иако лековите за прет-експозициона профилактика (PrEP) – достапни како секојдневни апчиња или периодични инјекции – се многу ефикасни, нивната употреба останува ниска. Само една третина од луѓето во САД кои би можеле да имаат корист од PrEP (луѓе кои се сексуално активни со некој што има ХИВ или чиј статус е непознат) во моментов го користат, а тој број е уште помал на глобално ниво.
Оваа година, ФДА одобри нова опција која би можела да помогне во затворањето на тој јаз: Yeztugo (lenacapavir), PrEP во форма на инјекција која се прима двапати годишно, развиена од Gilead Sciences. Истражувањата покажуваат дека, кога се примаат на секои 6 месеци, овие инјекции го спречуваат речиси секое пренесување на ХИВ.
Светската здравствена организација го нарекува ова одобрување „пресвртница“, истакнувајќи дека тоа ќе помогне да се надминат клучните бариери во превенцијата на СИДА, вклучувајќи ја и потребата за чести посети кај здравствениот персонал и стигмата поврзана со секојдневното земање превентивни лекови. (Лекот, заедно со други медикаменти, исто така помага во менаџирањето на ХИВ кај оние кои се веќе инфицирани, иако не претставува лек за целосно излекување).
7. Вакцини кои се борат против повеќе од само инфекција
Вакцините се покажаа како ефикасни алатки за заштита од вируси, вклучувајќи ги КОВИД-19, херпес зостер, грип и други болести. Но, новите истражувања покажуваат дека овие инјекции можат да донесат пошироки придобивки, вклучувајќи спречување на срцеви удари и деменција, како и подобрување на одговорот на пациентите на одредени терапии за рак.
Луѓето кои примиле вакцина против херпес зостер го намалиле ризикот од мозочен удар за 16 проценти и од срцев удар за 18 проценти, според прегледот на 19 студии презентирани на голема кардиолошка конференција ова лето. Истата вакцина, исто така, ги намалува шансите за развој на деменција за една третина во следните три години, утврдија други истражувачи.
Во меѓувреме, кај луѓето со напреднат рак на белите дробови и кожата кои примиле КОВИД-19 мРНК (mRNA) вакцина во рок од три месеци по почетокот на имунотерапијата, се подобрил одговорот на лекот врз туморите и тие живееле подолго од оние кои не ја примиле вакцината.
Научниците не можат со сигурност да кажат зошто вакцинирањето ги има овие дополнителни придобивки. Сепак, тие забележуваат дека долготрајните вируси, како што е Епштајн-Бар (Epstein-Barr), се поврзани со деменција и други долгорочни здравствени компликации, како лупус, и дека „засилувањето“ на имунолошкиот систем би можело да ја поттикне имунотерапијата.
8. Спречување на ракот на панкреасот пред воопшто да почне
Ракот на панкреасот е еден од најсмртоносните малигнитети, делумно затоа што често се дијагностицира дури откако ќе достигне напредна фаза. Помалку од 13 проценти од пациентите преживуваат пет години по дијагнозата.
Во 2025 година, научниците направија напредок кон откривање – и потенцијално спречување – на болеста во многу порана фаза. Во студии врз лабораториски глувци и човечки клетки, научниците открија дека блокирањето на протеинот FGFR2, кој ги „забрзува“ раните клетки на ракот на панкреасот, спречува тие да станат канцерогени во одредени ситуации.
Бидејќи лековите што го инхибираат овој протеин се веќе достапни, истражувачите се надеваат дека ќе го тестираат овој пристап кај високоризични индивидуи, вклучувајќи ги и оние со семејна историја на болеста. Сè уште се потребни клинички испитувања на луѓе, но оваа работа нуди ран увид во тоа како ракот на панкреасот еден ден би можел да биде пресретнат пред воопшто да се формира.
9. Создавање атлас на човечкото тело
Нашето разбирање за човечкото тело направи огромен чекор напред оваа година, кога британските истражувачи ја постигнаа целта за комплетирање на повеќе од милијарда медицински скенирања од 100.000 волонтери. Проектот – дел од U.K. Biobank, една од најсеопфатните здравствени бази на податоци во светот – вклучуваше магнетна резонанца, ултразвук и други детални скенирања на мозокот, срцето, коските, зглобовите, торзото и крвните садови.
Истражувачите исто така извршија физички мерења, земаа примероци од крв и генетски материјал, заедно со проценки на начинот на живот и влијанијата од животната средина. Сите податоци се анонимни. Следниот чекор е неколку стотици илјади учесници да се вратат до седум години подоцна за дополнителни скенирања, обезбедувајќи докази за тоа како телото се менува со текот на времето.
Биобанката веќе овозможи илјадници научни студии. Во еден пример, научниците од повеќе од 40.000 скенирања научија дека кога срцето покажува знаци на болест, често тоа го прави и мозокот, што сугерира дека заштитата на кардиоваскуларното здравје може да помогне во намалувањето на ризикот од деменција.
Ново на Сител
-

Дваесет и една препорака на ИЈЗ за претстојните празници во врска со прејадување, алкохол и користење пиротехника
-

Ердоган: Турција нема да толерира провокации и поморски закани во Источен Медитеран
-

Си Џинпинг во новогодишната порака го пофали напредокот на Кина и навести потенцијално присоединување на Тајван
-

Путин уверен во победата во Украина во својата новогодишна порака
-

Андоновски: Во 2025-та испорачавме, а во 2026-та ја забрзуваме дигиталната траснформација на Македонија
-

Сиљановска Давкова ги посети децата на детските клиники во Скопје
-

Повеќе од 24 часа во целосен прекин сообраќајот Струга – граничен премин „Ќафасан“
-

Истражување на Галуп: Во Србија само 27 проценти од граѓаните веруваат дека 2026 година ќе биде подобра
