Девојчето чиј татко ја врза за вратот и рацете е згрижено во установа, мајката не сакала да се грижи за него
Татко од струмичко Ново Село си ја врзал 11-годишната ќерката со јаже зашто „украла пари“. На вознемирувачко видео објавено на социјалните мрежи се гледа како девојчето е врзано за вратот и рацете. Плачејќи моли да ја одврзе. Тој, пак, снима и ја прашува ќерка си што им направила на парите, а таа едвај одговарајќи му вели „земав да јадам“.
Монструозниот чин се случил во вторникот, во дворот од неговата куќа. Откако видеото се прошири на интернет, институциите постапиле веднаш. Сторителот бил повикан на разговор во полиција каде го признал делото. 57-годишниот маж ќе се гони за сторено кривично дело „насилство врз дете“.
„Од страна на лекар од Медицински центар Струмица е извршен преглед над детето, при што се констатирани телесни повреди во вид на црвенило на двете раце, кај зглобовите. Известен е и Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Струмица, од каде се преземени мерки за понатамошна заштита на детето“, велат од МВР.
Девојчето живеело со таткото кој по разводот со неговата сопруга бил нејзин старател.
Заменик министерот за социјална политика Ѓоко Велковски, во изјава за Сител вели дека девојчето сега е згрижено и со него работат стручни лица.
„Девојчето коешто е на видеото е веќе згрижено во установа, на безбедна локација, каде што веќе има психо-социјална грижа. Бидејќи се работи за семејство кое се разделени, мајката била повикана на разговор во Центарот за социјални работи меѓутоа по она што го кажуваат стручните лица е дека не покажува поголема заинтересираност за грижа за самото дете. Поради тоа детето е однесено на безбедна локација за да биде психо-социјално поддржано“ – изјави Ѓоко Велковски, заменик министер за социјална политика, демографија и млади.
За настанот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар