Македонија
22. April 2016 - 16:27

Дијаспората бара политичка стабилизација преку избори за просперитетна Македонија

Политичката криза да се реши на демократски начин, повика одборот на директори на “Македонија 2025”. Тие преку соопштение  изразија загриженост поради продолжувањето на кризата и ги повикаа сите инволвирани да го стават на прво место добробитот на земјата и народот и да работат кон решавање на проблемите на демократски начин кој ќе ги гарантира стабилноста и просперитетот на државата.

- Сите политички фактори во земјата треба да се фокусираат на создавање работни места, подобрување на јавните услуги и создавање на еднакви можности за сите граѓани. Во време на големи предизвици, луѓето треба да делуваат смирено и да бидат воздржани од чинови кои се штетни за благосостојбата на народот. Придобивките на демократијата, транспарентноста и слободата на говорот треба да бидат насочени кон подобрување на земјата во оние области кои заостануваат во споредба со функционалните демократии кои имаат развиени економски системи и пазари. Македонија 2025 смета дека кризата штети на процесот на намалување на невработеноста, промовирањето на извозот и привлекувањето на странски инвестиции во Република Македонија, се наведува во соопштението од одборот на директори на Македонија 2025.

Стабилност и просперитет на земјава, а не деструктивни сценарија синоќа побараа и од ГДОМ.

Поддршка на собирот кој го организираше Граѓанското движење за одбрана на Македонија стигна и од Италија. Македонците кои живеат во областа Пиемонте ги осудуваат случувањата во последните денови во Македонија и порачаа дека бараат излез од кризата преку одржување на избори на 5 јуни.

- Се бореа да ни го скратат правото на глас, правото да решаваме за иднината на Македонија со изговор дека сме неинформирани што се случува во држвата. Но, не е така. Ние имаме семејства и имоти во Македонија и имаме право на глас, велат Македонците во Италија.