До 500 евра казна за Џафери и Демири ако не се откажат од двојните функции
Во техничката влада Талат Џафери ќе остане премиер, а Илир Демири министер за здравство. Истовремено во законодавниот дом ќе бидат колеги пратеници. За Собранието не е спорно што двајцата ќе имаат двојна функција. Оттаму испратија известување кое вели дека „заради обезбедување континуитет во работата на Владата, Владата ќе ги врши само најнеопходните функции до изборот на нова влада“. Во соопштението нема детали какви обврски ќе имаат функционерите со двојна фунцкија.
Тврдат дека ваква пракса имало и порано, а според записите слични констатации имало во три мандатни периоди и тоа во 1998, 2002 и 2006-та.
„Кога не станува збор за оставка на претседателот на Владата, односно на Владата, кога и е изгласана недоверба на Владата или кога е распуштено Собранието, во Уставот, Законот за пратениците, Законот за Собранието и Изборниот законик, не постои одредба која што го уредува прашањето за функционирањето и престанокот на мандатот на Владата, во периодот по конституирањето на Собранието до изборот на нова Влада.
Во конкретниот случај треба да се има предвид дека во членовите 43, 44 и 46 во Законот за Владата уредено е прашањето за престанок на мандатот само на министерот за Внатрешни работи и на министерот за Труд и социјална политика и за престанокот на функциите на дополнителните министри, а за претседателот на Владата и за останатите членови на Владата во законот не постои решение ниту постапка за престанок на функцијата“, велат од Собранието.
И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, вели дека ова не е прв таков случај.
„Ќе ве потсетам. И во 2020 година технички премиер беше Оливер Спасовски, па беше и пратеник. Истиот случај беше и во 2016-та година. Емил Димитриев беше технички премиер и пратеник. Тоа е сива зона и треба час поскоро да се најде решение и за ова“ – Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ
За првата антикорупционерка Димитровска законите се јасни и не отстапува од ставот дека премиер или министер во исто време не може да биде и пратеник.
„Ако го анализираме членот 3 од Законот за плати и надоместоци на избрани и именувани лица децидно е утврдено дека именувано лице, во случајов министер, добива мандат за пратеник, истото е потребно да биде објавено на 27 мај. На 28 мај веднаш со верификацијата на мандатот му започнуваат правата и обврските во однос на пратеничкиот мандат“ – Татјана Димитровска, претседател на ДКСК
Антикорупциска ќе покрене прекршочна постапка, а во моментов се прибираат потребните материјали.
„Имаме право на покренување прекршочна постапка каде е предвидена глоба од 300 до 500 евра. Глобата ќе си ја плати тој што извршува двојна функција“ – Татјана Димитровска, претседател на ДКСК
Речиси сите министри веќе ги предадоа своите надлежности на нивните заменици. Единствени кои одбиваат да го сторат тоа се Џафери и Демири. Тие кажаа дека до изборот на новата влада, обврските во Собранието ќе ги замрзнат.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
