Државата размислува за изградба на државен дата-центар, но ниту една компанија не пројавила интерес за инвестиција
Ниту една компанија досега официјално не пројавила интерес во Министерството за транспорт за изградба на дата-центри откако пратениците ги донесоа измените во Законите за урбанистичко планирање и за градба. Претходно годинава, пак, премиерот рече веќе имал средби со четири потенцијални инвеститори.
Ниту вицепремиерот и министер за транспорт, кој ќе го има последниот збор при давањето на дозволи за изградба на дата-центри не открива од колкав обем би биле и кои биле локациите кадешто приватни инвеститори би граделе. Законот предвидува дата-центри над 1mW, но нема горна граница. Тоа значи дека минималните инвестиции би биле во категоризација на дата-центар од среден обем.
Николоски вели дека измените не биле донесени наменски за привлекување на приватни инвеститори, туку за да има законска легислатива за овие објекти.
-Досега немаме таков инвеститор. Што значи дека ние кога го носевме законот остави впечаток дека го носиме наменски, не го носиме наменски туку сакавме да создадеме правна рамка за потенцијални идни инвестиции. Дали тие ќе дојдат за година, пет или 10, ние сега рамката ја имаме, вели Николоски.
Државата сега размислува за изградба на голем државен дата центар кој би бил за потребите на државните институции.
Државен дата центар всушност би значел едно место за чување на сите податоци, што е особено важно, со оглед на тоа што одредени институции неколку пати беа мета на хакерски напади. Дополнително, во голем дел од нив серверите се чуваат без никакви стандарди, на несоодветни места, а некаде и по ходници.
-Инвестицијата може да е државна и може да е приватна. Мислам дека е паметно во идниот период да размислува за една државна институција за да ги заштитиме државните институции. Се сеќавате што се случуваше со ФЗО пред некоја година. Така што, од безбедносни причини мислам дека е паметно за нас како држава да се заштитиме и да имаме систем којшто целосно го контролираме. Доколку правиме таков државен дата центар, тогаш секако локацијата ќе ја обезбеди државата, вели Николоски.
Државен дата центар и инвестиции во дата центри се две сосема различни работи. Државата во моментот нема доволно добра инфраструктура за да се заштити при евентуални сајбер напади, особено поради условите во кои се чува опремата.
Но, околу приватните инвестиции има многу отворени прашања. Прво, тоа би значело дека ќе користат ресурси од Македонија, а ќе продаваат услуги насекаде во светот. Дополнитлено, засега Законите не регулираат какви стандарди тие треба да исполнат во поглед на трошењата на електрична енергија и вода.
Дебатата за дата-центрите во моментот е најостра во Соединетите Американски Држави кадешто во изминатите години, речиси без никаква регулација, беа изградени илјадници вакви објекти, што предизвика револт кај локалното население. Њујорк од вчера е првата сојузна држава која забрани изградба на дата-центри.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
