Македонија
17. January 2017 - 16:34

Државната кардиохирургија успешно се развива, од основањето до денеска за 15 пати е зголемен бројот на операции

За 15 пати е зголемен бројот на операции на државната кардиохирургија. Ако во 2014 кога клиниката почна со работа имало околу 30-тина интервенции минатата година во оваа здравствена установа направени се 388 хируршки зафати. Освен операции на срце, паралелно се работи и васкуларна хирургија.

-Го следиме трендот и го работиме севкупниот спектар на кардиохирушки и големи васкуларни операции. Покрај  минимално инвазивна замена на аортниот залисток, наскоро ќе можеме и минимално инвазивно да работиме и интервенции на митралниот залисток и некои други планови, изјави проф.д-р Сашко Јовев, кардиохирург на Клиниката за Државна кардиохирургија.

Според министерот за здравство Државната кардиохирургија успешно се развина и една од најуспешните клиники.

-Државната кардиохирургија одлично се развива согласно предвидените планови и прераснува во една од институциите кои се стожер на здравствениот систем во Македонија, нагласи Тодоров и им честиташе за посветеноста и на македонските доктори, но и на докторите од странство кои работат во оваа институција, изјави Никола Тодоров, министер за здравство.

Годинава Клиниката има за 20 милиони денари поголем буџет

-Фондот за здравствено осигурување во рамки на нашите надлежности обезбеди дополнителен буџет за оваа јавна здравствена установа за 2017 година во износ од околу 20 милиони денари повеќе од она што беше буџет за оваа институција во 2016 година. Така што буџетот на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија во 2017 година ќе биде околу 79 милиони денари или за 20 милиони денари повеќе од буџетот во 2016 година со што ќе се влијае на зголемување на бројот на интервенции на оваа Клиника и зголемување на бројот на услуги кои ги даваат на граѓаните на Република Македонија,изјави Сашо Стефаноски, директор на ФЗОМ.

Во меѓувреме 2-ца лекари од Клиниката привршуваат со субспецијализацијата по кардиохирургија во Хрватска, а има тројца специјализанти на катедрата за кардиохирургија на медицинскиот факултет во Скопје.